Четири поени за Антиќ во поразот од Никси

Атланта Хокс го забележа четвртиот пораз по осум одиграни натпревари. Овој пат тие на домашен терен загубија од Њујорк Никс со 91:95.

Никси ја имаа контролата во првото полувреме, а во третата четвртина профункционира Ал Хорфорд, па Хокс направија пресврт на стартот од последната четвртина.

Но „Јастребите" немаа сили до крај, а Никси повторно почнаа да погодуваат тројки (12/34 за 3 поени) и ја прославија петтата победа во серија против Атланта.

Перо Антиќ одигра уште една солидна партија и на паркетот помина скоро 13 минути за кои постигна четири поени (1/3 од игра и 2/2 од слободни фрлања), а оствари и пет скока и две асистенции.

Најефикасен кај Атланта беше Џеф Тиг со 25 поени, а Хорфорд постигна 23. Во редовите на победничкиот тим се истакна Кармелот Ентони со 25 поени.

Во сабота наутро во 1:30 по македонско време, Атланта ја пречекува екипата на Филаделфија.

14 ноември 2013 - 08:19