Куп на Македонија

Четири екипи, една цел - трофеј во Купот

Предстојниот викенд ќе се одигра 23. издание на кошаркарскиот куп на Македонија. Актуелниот шампион МЗТ Скопје ќе биде домаќин на Работнички, Куманово и Кожув. Ново вечно дерби во најава?

МЗТ Скопје го брани трофејот, освоен минатата година во финалето против Лирија, а „металците“ се фаворити и за овогодинешниот трофеј, пред сè затоа што Купот ќе се игра во „нивно маало“. Подеднакви шанси му се даваат и на нашиот најтрофеен клуб, Работнички кој ќе мора да заборави на поразот од аеродромци во средата. Својата шанса од сенка ја чекаат Куманово и Кожув, тимови кои речиси сигурно ќе играат и во Плејофот.

На патот до финалето, на МЗТ Скопје му стои гевгелиски Кожув, екипа која има серија од девет победи по ред во балканската БИБЛ лига.

„Многу често од ова место (СЦ Јане Сандански) потенцирав дека нам ни преостанува максимално да се концентрираме на домашните натпреварувања и да се обидеме да ги одбраниме трофеите освоени лани. Податокот што Кожув има девет победи по ред во БИБЛ лигата е доволен показател за каква екипа станува збор. Ние немавме среќа на претходните натпревари, каде игравме добро но губевме. Сепак, дербито против Работнички покажа дека формата ни оди во нагорна линија“, оптимист е тренерот на МЗТ, Алек Јончевски.

На денешниот прес, на капитенот на МЗТ Скопје, Урош Лучиќ во трајна сопственост му беше врачен пехарот освоен лани во купот.

„Прва пречка до финалето ни е Кожув, тим кој и покрај неколкуте измени во составот и на тренерската позиција и натаму игра одлично во БИБЛ лигата. Ние имаме обврска повеќе, затоа што играме пред своја публика, на домашен терен и тоа е доволна мотивација по четврт пат по ред да се радуваме на трофејот од Купот“, изјави Урош Лучиќ.

Работнички, барем по признание на тренерот Марјан Србиновски сè уште се опоравува од тешкиот пораз против МЗТ, но верува дека со голема поддршка од гледалиштето ќе можат до финалето.

„Полека забораваме на поразот во првенството и се насочуваме кон Купот. Со ангажирањето на Караџовски, Куманово има уште посериозен состав. Тука се Костовски и Мандиќ, кои се носители на играта. Сакаме пласман во финалето, но за тоа ќе мора да одиграме одличен натпревар, посебно во одбраната“, изјави Србиновски, кој нема проблеми со повредени играчи.

Работнички има осум пехари во купот, МЗТ Скопје еден помалку.

Полуфиналните дуели се играат утре. МЗТ и Кожув играат со почеток од 17:30, а средбата Работнички - Куманово е три часа подоцна, од 20:30. Влезот за средбата МЗТ - Кожув е бесплатен, додека за второто полуфинале изнесува 150 денари. Финалето може да се гледа за 200 денари.

Од КФМ додадоа уште и дека секој гледач ќе може, според своите можности да донира кај тимот од Црвен крст за поплавените подрачја во земјава.