Бројките на Дончиќ со кои е кандидат број 1 за МВП

„Мислам дека 100% го заслужува МВП признанието. Но, тоа не е моја одлука, да бидам искрен“, изјави пред само два дена Никола Јокиќ за Лука Дончиќ. И е потполно во право.

Лука Дончиќ има дури 41 натпревар со 40+ поени, 7 меча со 50+, два со 60+. Сето ова до само 25 години живот. А да е само тоа.

На 26 јануари годинава постигна лудачки 73 поени против Атланта Хокс и стана четврти играч на вечната листа најдобри поентери во НБА историјата.

Пред него се само Вилт Чембрлен (100 поени и 78 поени кога временски подолго се играле натпреварите, но немало три поени) и Коби Брајант (81 поен).

Тимските резултати не го наградуваат баш, Далас е само седми во Западната конференција, но Лука има моќна и автентична сезона со страшни бројки.

Внимавајте добро на следниов податок до кој дојдовме:

Во периодот од 29 февруари до 12 март остварил трипл дабл на сите натпревари кои ги одиграл или во превод импресивни 7 меча по ред со трипл дабл во само 13 дена.

Противници му биле Торонто, Бостон, Филаделфија, Индијана, Мајами, Детроит и Чикаго. Само на дуелот против Чикаго бил под 30 поени.

Серијата му заврши против Голден Стејт, а потоа до трипл дабл не стигна ниту против Денвер. Но и на двете средби неговиот тим победи, а на дуелот против Јокиќ имаше 37 поени и 10 скока.

Ноќеска се врати на старото со нов не баш моќен триипл дабл од 18 поени, 10 скока и 16 асистенции. Но и победа на Далас против Сан Антонио, шеста во низа.

Доминацијата на Лука сезонава најдобро се гледа во статистичките бројки кои бројат 34,1 поени, 9 скока и 9,8 асистенции по натпревар со 48,8% шут од поле.

Јокиќ има 26 поени, 12,3 скока и 9 асистенции по натпревар со 58,2% од поле.

Со анализа на неговите бројки нема крај сезонава.

- 28 натпревари со 35+ поени

- 12 натпревари со 40+ поени

- 12 трипл дабл натпревари со 30+ поени

- 2 трипл дабл натпревари со 40+ поени

- Вкупно 18 трипл дабл учиноци

20 март 2024 - 15:44