Атланта си поигра со Бруклин Нетс за 57 победа во сезоната

Перо Антиќ одигра 15 минути против Бруклин, доволно да постигне 9 поени и еден дефанзивен скок. Во дербито на вечерта, Голден Стејт го победи Далас Маверикс за 12-та победа по ред пред плејофот.

Дека се подготвени за плејофот, кошаркарите на Атланта покажаа утринава, кога уште во првото полувреме стекнаа висока предност против Бруклин Нетс, франшиза која имаше шест победи по ред.
 
Тренерот на Хокс, Мајк Баденхолцер уште еднаш им даде шанса на сите кошаркари, при што најефикасни беа Ал Хорфорд и ДеМар Керол со 20 поени. Единствена лоша вест по Јастребите е повредата на рамото на Пол Милсап, кој во првиот дел ја напушти средбата и не се враќаше во игра.
 
Џеф Тиг уфрли 17 поени, а нашиот Перо Антиќ за 15 минути на паркетот постигна 9 поени и еден скок во одбраната. Кај Нетси, Хрватот Бојан Богдановиќ беше водечки стрелец со 19 поени. Следниот натпревар Атланта го игра против Феникс Санс.
 
 
Во дербито на вечерта, Голден Стејт го совлада Далас Маверикс 123:110. Клеј Томпсон постигна 21 поен, а Марис Спајтс и Андре Игудала додадоа по 18 поени во 12-та победа по ред на Вориорс. Најдобриот играч на Воините, Стеф Кари го заврши мечот со скромни 11 поени, само три повеќе од неговиот најслаб учинок сезонава.
 

Голден Стејт утре вечер игра против шампионот Сан Антонио. Кај Маверикси, Дирк Новицки запиша 18 поени, а Далас го забележа шестиот пораз на последните 8 натпревари.
 
 
Резултати:

Шарлот - Филаделфија 92:91
Атланта - Бруклин 131:99
Детроит - Мајами 99:98
Торотно - Бостон 116:117
Мемфис - Вашингтон 83:92
Далас - Голден Стејт 110:123
Милвоки - Орландо 90:97
Денвер - ЛА Клиперс 92:107
Феникс - Јута 87:85
Портланд - Њу Орлеанс 99:90