Кладилниците ги сожалија поддржувачите на Мојс

И кладилниците некогаш знаат да бидат добри. На челниците на британската кладилница Paddy Power им падна жал за навивачите на Манчестер Јунајтед и им ги вратија парите на оние кои вложија дека Дејвид Мојс ќе издржи до крајот на сезоната.

Само 10 месеци откако беше најавен како „избраниот", Дејвид Мојс се покажа како целосно промашување и неуспешен наследник на Алекс Фергусон. Навивачите на Манчестер Јунајтед ја преживуваат тешка година полна со разочарувања, па кладилницата Paddy Power се сожали сo нив.

Помеѓу навивачите на Манчестер Јунајтед имаше и такви кои до последен момент веруваа во Дејвид Мојс и уплаќаа пари на тоа дека Шкотланѓанецот ќе издржи на клупата барем до крајот на сезоната. Но наместо да им ги земе парите, кладилницата Paddy Power реши да им ги врати уплатите кои се во износ од околу 10.000 фунти.

Кладилницата се сожали со кладилничарите, но не и со Дејвид Мојс. Тие продолжија да му фаќаат сеир на Мојс и поставија негова статуа пред стадионот Енфилд во пресрет на натпреварот меѓу Ливерпул и Челси.

28 април 2014 - 15:22