Зошто тренерот на Атлетико носеше Гугл глас?

Фотографијата од помошникот на Диего Симеоне на клупата на Атлетико Мадрид, Моно Бургос со Гугл глас на натпреварот против Хетафе бргу се рашири на интернет и ги отвори прашањата: што ли тој гледаше со нив, но и дали технологијата е премногу навлезена во фудбалот?

Аргентинецот Херман Бургос деновиве е поголема ѕвезда на интернет дури и од неговиот шеф, Диего Симеоне, а по натпреварот меѓу Хетафе и Атлетико Мадрид за него се зборува и пишува повеќе и од самиот натпревар и резултатот со кој неговиот тим се зацврсти на лидерската позиција во Шпанија.

Веднаш по натпреварот, челниците на шпанската Ла Лига и на Атлетико Мадрид објавија соопштение со кое ја разјаснија мистеријата.

Асистентот на Диего Симеоне во Атлетико Мадрид преку Гугл глас во реално време следел статистики од натпреварот, а тие биле поделени во четири категории: „општи статистики", „градење на игра", „одбрана" и „удари кон гол".

Бургос бил дел од експериментот на Ла Лига, компанијата Медиапро и Универзитетот од Мурсија кои имаат направено програма која во иднина ќе им ја олесни работата на тренерите за време на натпреварите.

Ова е сигурно само почеток на воведување на новите технологии во фудбалот. Компанијата Медиапро има инсталирано по 16 камери на секој стадион на 42 професионални клубови во Шпанија. Еден ваков систем чини 400.000 евра и во рок од 24 часа по завршувањето на натпреварите тренерите добиваат најдетална анализа.

14 април 2014 - 12:46