Голем гест на Даниеле Де Роси

Златен медал од Мундијал како последен поздрав

Легендарниот кабинер на Италија, Пјетро Ломбарди починал на 92 години, а Даниеле Де Роси при последниот поздрав му го оставил во ковчегот златото освоено на Светското првенство 2006. година во Германија.

Во приказнава не треба да се бара причина. Едноставно се работи за неверојатен гест од љубов, затоа што човек треба да е навистина храбар и голем да се одрекне од златен медал освоен на Светско првенство.
 
Таков човек е Даниеле Де Роси, заменик капитенот на Рома и иден капитен на италијанската репрезентација, фудбалер кој во 2012. година од такси јави на телевизија дека го продолжил договорот со Рома. Фудбалер кој нема резиденција близу тренинг центарот Тригорија, туку живее близу Тибар, реката која поминува низ Рим.
 
Омажот на Де Роси кон починатиот магационер на репрезентацијата, Пјетро Ломбарди е навистина како сцена за Оскар. Пред утрински тренинг тргнал до Фиренца, во Градската капела каде се подготвувал погребот на Ломбарди кој починал на 92 години и во ковчегот го спуштил златниот медал освоен пред 10 години во Германија. Во чест на човекот со кој бил многу приврзан.

Кабинерот на Италија, Ломбарди со златниот пехар од Мундијалот

Во 2006. година кога Аѕурите го освоија Светското првенство, Де Роси играше малку поради црвениот картон за лактот кон Американецот МекБрајд, но играше доволно за да го изведе драгоцениот пенал во финалето на Мундијалот. На 23 години околу вратот му стоеше златен медал додека го бакнуваше најважниот пехар во фудбалот.
 
Романтична кариера на која што ѝ недостига само уште скудето за да се дефинира врвна, онаква каква што имал омилениот кабинер Пјетро Ломбарди. Де Роси се поздравил со неговиот втор татко, кој ќе ја носи медалата во вечноста.