За грчко фудбалско дерби во Солун се бара судиска помош од Македонија

Грчката фудбалска федерација испрати покана до ФФМ, која е прифатена, а тоа значи дека тројца македонски судии во недела ќе судат грчко дерби.

Нашиот најдобар и најафирмиран судија Александар Ставрев е повикан да го суди дерби натпреварот помеѓу Арис од Солун и Панатинаикос од Атина.

Помошници ќе му бидат Гоце Петрески и Дејан Костадинов, а четвртиот судија ќе биде нивен, тоа е Христос Вергетис.

Ова не треба да зачудува, бидејќи за да ја зголемат регуларноста, натпреварите во Грција често ги судат странски судии, па така во недела од 18:30 на стадионот „Клеантис Викилидис“ во Солун, правдата ќе ја делат тројца наши луѓе.

Инаку Александар Ставрев има богато меѓународно искуство, а судија со знакот на ФИФА стана во 2006-та година.

Има судено квалификациски натпревари за Светско и Европско, како и средби од Лига на шампиони и Лига Европа.

На 19 октомври 2011-та беше ангажиран на Камп Ноу како главен судија на мечот Барселона - Викторија Плзен од групната фаза во ЛШ кој заврши 2:0. Стрелци Иниеста и Виља.

Тогаш помошници му беа Марјан Кировски, Љубомир Крстевски, Дејан Јакимовски, Димитар Мечкаровски и Горан Спиркоски.

5 април 2024 - 14:29