Блатер останува прв човек на ФИФА

Актуелниот прв човек на најбогата спортска федерација останува на тронот до 2019 година, откако неговиот противкандидат Принцот Али реши да се повлече од трката.

Сеп Блатер доби 133, а Принцот Али 73 гласови на денешното гласање во Цирих на изборите за претседател на Светската куќа на фудбалот.

Со оглед на тоа што во првиот круг за нов претседател беа потребни две третини од вкупно 209 гласови кои имаат право на глас или 140 гласови, требаше да следи втор круг на гласање, но за време на паузата јорданскиот Принц Ал бин ал Хусеин се повлече.

Изборите за претседател на ФИФА се случуваат на само два дена по големиот корупкцискиот скандал на кој по долгата истрага на ФБИ беа уапсени 7 високи функционери на ФИФА и блиски соработници на Блатер.

ФИФА од 2011-та до 2014 година заработи 5,23 милијарди евра. Само од Светското првенство минатата година во Бразил заработи 1,9 милијарди евра, а тоа е скоро двојно за разлика од Мундијалот во Јужна Африка 2010 кој и донесе 1,1 милијарди евра.

43% од приходите им се од телевизиските права, а 29% од маркетинг.

На конгресот во Цирих гласаше и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

29 мај 2015 - 19:32