Приказна за фудбалскиот пат на Петар Борота

Врвниот киксер кој беше инспирација за филмот Кенгур

Во петокот се одбележаа шест години од смртта на Петар Борота, легендарниот голман на Партизан и Челси кој се памети по три неверојатни кикса во кариерата.

Роден на 5. март 1952 година во Белград, кариерата ја започнал во ОФК Белград каде бранел на 176 натпревари. Во сезоната 1976/77 преминува во Партизан.

Веднаш по доаѓањето во Хумска улица на стадионот ЈНА, Борота ги купил навивачите со својот однос и стекнал симпатии кај редовната публика. Истата сезона Борота ќе го крене шампионскиот пехар во првенството. На 34 меча примил само 19 голови и бранел одлично.

Една од анегдотите врзани со него е случката кога отишол во болница да го посети другарот и играч на Партизан, Чава Димитријевиќ. Наместо на спратот кај другар му, отишол во психијатрискиот одел, а кога сфатил што направил тргнал да излезе но го застанал чуварот кој го прашал каде оди? Борота тргнал да му објаснува, но чуварот не се давал: Знам, знам, овде секој втор вика дека е Драган Џајиќ.

После две сезони во црно-белиот дрес, за него Челси издвоил во тоа време неверојатни 70.000 фунти, па Борота се преселил на Стемфорд Бриџ каде бранел три години. Сините го паметат неговото спектакуларно деби против тогашниот европски првак Ливерпул, кога Борота ја сочувал својата мрежа и покрај нападите на Црвените.

Парадоксално, во сезоната 1980/81 година бил прогласен за играч на сезоната во Челси, но не и за најдобар југословенски голман. Го краселе извонредни физички предиспозиции, но често знаел да прави непредвидливи глупости. Малку е познато дека на почетокот на кариерата се занимавал со авто-трки и сликарство, прилично неспоива комбинација. Во култниот белградски СКЦ приредил авторска изложба на делата, а салата била преполна.

Блискоста и љубовта со уметноста можеле скапо да го чинат по завршувањето на кариерата, кога југословенската полиција го сомничела за кражба на некои скапоцени дела од музеите.

Она што е сигурно, навивачите на клубовите каде играше го паметат по киксовите. Додека бранел за Партизан, во сезоната 1977/78 на 63-то дерби против Црвена звезда, Борота лежел со топката на земја иако не му свирнале фаул. Тогаш неговиот кум а шпиц на Звезда, Милош Шестиќ му пришол и ми рекол: „Куме, свирна фаул судијата“. Борота ја спуштил топката и таман да изведе фаул, Шестиќ му ја собрал и му дал гол.

Слична глупост човекот што бил инспирација за филмот „Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур“ направил и на мечот против Динамо Берлин. Одбранил силен удар, ја спуштил топката на земја и со рацете ги терал играчите да излезат понапред. Но не видел дека зад него останал еден Германец кој му ја земал топката и му дал гол за продолженија и пенали после кои тимот од Источна Германија отишол понатаму.

Својот раскошен талент често му одел во комбинација со чудното облекување. Бранел со бермуди до коленици, а носел и капче. Навивачите на Челси го паметат и по тоа што еднаш незадоволен се качил и седнал на пречката.

Кулминацијата на неговите циркузи се случила за време на еден натпревар од англискиот куп. Откако одбранил пенал, Борота тргнал да го земе качкетот кој му паднал зад линијата, но со топката во раце влегол во мрежата и си дал автогол. Овој момент не е потврден од педантните англиски статистичари, така што не е сигурно дали е во прашање урбана легенда.

Својата последна средба во дресот на Челси, Петар Борота ја одиграл во 1982. година кога голман станал 17-годишниот Стивен Френсис. За неговиот фудбалски крај малку се знае, затоа што решил да оди во Јужна Африка која била под санкции само за да избегне воен рок во Југославија. Бранел и во Португалија за екипите на Портимоменсе, Боавишта и Порто.

На 12. Февруари 2010. година Петар Борота починал во Италија после долга и тешка болест, на само 22 дена пред својот 57 роденден.

14 февруари 2016 - 14:00