Верона го освои Скудетото, Милан и Интер во Серија Б

Најголемото освежување оваа сезона во италијанското првенство е ланскиот второлигаш Верона кој покажа дека со голема компактност, мотивација и малку пари може да се стигне до доста солиден пласман барем во првиот дел од сезоната.

Пред две кола Серија А стигна точно до половина од првенствените натпревари, а италијанските медиуми направија едно занимливо резиме од кое всушност се гледа вредноста на бодови во пари.

Во табелата може да се види колкава сума екипите треба да издвојат за платите на своите играчи за половина сезона и колку бодови добиле за возврат. Според  тоа мерило први се фудбалерите на Верона кои за 19 одиграни кола освоиле 32 бода и кои ќе поделат плата од 11,3 милиони евра.

Ако се мери вредноста на бодови во пари во однос на примањата на играчите, тоа значи дека еден бод им изнесува 0,35 милиони евра, односно за милион евра во плати Верона на средина од сезоната освојувала во просек по 2,83 бодови.

По овој основ одлично котира и екипата на Удинезе која за половина првенство има обрвски да им исплати на своите фудбалери плата од 8,7 милиони евра, а за возврат добила 21 бод, односно во просек по 2,41 бодови за милион евра.

Големите екипи се во долниот дел од табелата, па така есенскиот шампион Јувентус  кој за сезоната 2013/2014 година за плати ќе потроши 115 милиони евра, на половина од првенството за еден милион евра добивал во просек по 0.90 бодови.

Тој се наоѓа во друштво на двете екипи од Рим и Милано, а на последната позиција се наоѓа Милан каде еден бод изнесува 2,39 милиони евра.

28 јануари 2014 - 17:38