Вердер Бремен и чудотворецот Виктор Скрипник

Украинецот долги години ги водеше младинските категории на Вердер, но во октомври минатата година прифати да го превземе првиот тим и направи право чудо. Скрипник учеше од менторот Томас Шаф, кој му беше тренер во најславната година во клупската историја.

Пред полноќ на 25 октомври минатата година, на тренерот Виктор Скрипник му стигнала смс порака од раководството на клубот, кое го викнало на состанок следното утро.

Претходната вечер, Вердер Бремен загуби дома 0-1 од Келн и зелено-белите тогаш го допреа самото дно. Немаа победа на девет натпревари, освоија само четири бодови и примија дури 23 голови. Тоа беше причина управата да го смени тогашниот тренер Робин Дут и итно да бара негова замена. Виктор Скрипник се спремал за спиење, кога ја прочитал пораката. Без двоумење ја прифатил понудата. Како можел да ја одбие кога во Вердер Бремен е од 1996. година кога дојде од Днипро.

„За мене беше премин од една на друга клупа. Спремен бев за предизвикот, иако не е исто да тренираш младинци и да го водиш првиот тим“, изјави Скрипник.

Тогаш следуваше периодот, после кој Украинецот го доби прекарот чудотворецот. Взаемно со последната победа против Фрајбург 1-0 минатиот викенд, Украинецот победи на девет од 15 бундеслигашки натпревари. Екипата која под Робин Дут даде сиромашни 10 голови на 9 средби, со Скрипник даде 30 погодоци на 15 натпревари.

Играчите кои минатиот октомври изгледаа паднати од Марс, во моментов позитивно гледаат на табелата. Бремен е осми, со 10 бодови повеќе од опасната зона и само шест бода помалку од четвртиот Баер Леверкузен, кој е на местото кое води во Лигата на шампионите. Вердер до крајот би можел да го стигне Леверкузен. Да го кажеше некој тоа во октомври, ќе го направеа будала.

Скрипник е омилен не само меѓу фудбалерите, туку и меѓу навивачите на Вердер Бремен. Управата на клубот конечно се сети дека тимот може да го води само некој од внатре. Тоа се докажа со претходните клупски легенди.

Ото Рехагел така беше тренер на Вердер повеќе од 14 години, од 1981 до 1995 година кога реши да замине во Баерн Минхен. Вердер Бремен се мачеше со тренерите сè до мај 1999-та година, кога беше промовиран Томас Шаф, детето на клубот.

Шаф беше и уште е омилен лик во Бремен. Зелено-белата академија тој ја запозна на 11 години и во клубот остана цела 41 година. Првиот трофеј на Вердер после долги години стигна токму под водство на Томас Шаф (никогаш надарен како фудбалер), кој го победи Баерн на пенали во финалето од германскиот Покал куп.

Во 2004-та година, Вердер Бремен ја освои двојната круна и тоа беше најславната сезона во историјата на клубот. Јохан Мику и Аилтон беа главни играчи на екипата, предводена од Томас Шаф. Дел од таа генерација беше токму Виктор Скрипник, кој ја заврши кариерата по завршувањето на сезоната.

Како тренер Скрипник е близок до Томас Шаф, неговиот ментор од кој научи ултра офанзивна игра на гол повеќе. Помошник на Скрипник е ветеранот Торстен Фрингс, кој на младите им го пренесе борбениот дух од играчките денови. Поранешниот напаѓач на Челси и Виган, Франко Ди Санто стана незапирлив со 12 голови досега сезонава, меѓу кои и ремек-делото против Фрајбург. Австрискиот плејмејкер Златко Јунузовиќ е една од најголемите ѕвезди во лигата.

Фин Бартелс игра сè подобро под Скрипник, а одлична сезона играат и Чехот Теодор Гебре Селасие и Феликс Крос (помладиот брат на Тони од Реал Мадрид). Меѓу најпријатните изненадувања е и Дејви Селке, потенцијалниот прв шпиц на германската репрезентација.