Уште повеќе карти за македонските навивачи, Букурешт спремен да прими повеќе гледачи

Фудбалската федерација на Романија и комитетот за организација на Евро 2020 во консултација со здравствени стручни лица, побарале од министерството за здравство дозвола за двојно повеќе навивачи.

Романија беше меѓу првите земји која на УЕФА ѝ одговори дека е спремна да даде гарант за 25% од вкупниот капацитет на огромната „Национална Арена“ во Букурешт која има 55,634 седечки места.

На овој стадион ќе се играат натпревари од група Ц и едно 1/8 финале на Европското.

Романскиот фудбалски сојуз одобри 25% карти или (12.300 гледачи), но сега апетитите пораснаа на повеќе, што е убава вест за нашите навивачи.

„Букурешт е спремен за организација на натпревари од Евро 2021, сработевме голема работа и сигурно е дека ќе имаме околу 12.300 гледачи на натпреварите. Федерацијата побара од министерството за здравство да се зголеми на 50% од капацитетот“, вели Георге Попеску, легенда на романскиот фудбал кој сега е дел од златната генерација на Романија.

До петок беше рокот кој УЕФА им го даде на сите држави/федерации домаќини на натпревари од Евро 2020 да потврдат дали ќе можат да дозволат влез на навивачи на стадионите кои сега се затворени поради пандемијата.

Следниот рок кој УЕФА го наложи до среда (28 април) е за федерациите и државите да ја потврдат точната бројка на гледачи.

Според протоколите и мерките кои се менуваат од ден на ден, во Романија за сега е можен влез со негативен ПЦР тест кој не е постар од 72 часа и странски државјани може да отседат најмногу 72 часа.