Уште 22 визи за учество на СП 2014

Домаќинот Бразил, европските сили Италија и Холандија, азиските претставници Јапонија, Иран и Јужна Кореја, потоа Австралија, САД, Коста Рика и Аргентина се досегашните 10 сигурни патници на Светското првенство наредната година. Еве кои може да ги заверат билетите утревечер.

Во рамките на квалификацискиот циклус во Европа останаа уште две кола по кои ќе ги дознаеме сите земји учеснички на Мундијалот во Бразил од „Стариот континент“. Селекцијата на Белгија во рамките од А групата каде се наоѓа и нашата селекција, со само бод утре на гости против Хрватска ќе обезбеди математички пласман.

Селекцијата на Германија се очекува да триумфира против Република Ирска и да се зацврсти на првата позиција. Во Е групата во најголема предност е Швајцарија на која и е потребен триумф над Албанија. Во Ф групата Русија утре може да обезбеди пласман доколку победи против Луксембург, а Португалија загуби од Израел.

Босанците на пласман може да се радуваат во претпоследното коло ако триумфираат против Лихтенштајн, а Словачка ја порази Грција. Светскиот шампион Шпанија има задача да освои три поени против Белорусија за и официјално да тргнат по одбраната на титулата.

Во квалификациите во Јужна Америка останаа уште две слободни места. За него ќе се бори составот на Колумбија на кој му е потребен само бод против Чиле, а меѓусебе ќе одлучуваат селекциите на Уругвај и Еквадор.

Од Северна и Средна Америка за пласман во Бразил ќе се избори Хондурас доколку триумфира против Коста Рика, а Панама загуби од Мексико, како и четвртопласираниот тим од групата кој ќе игра двомеч против претставникот од Океанија, Нов Зеланд наредниот месец.

Во Африка викендов се играат првите натпревари од плејофот каде за пет места ќе се борат 10 селекции. Двојките се Буркина Фасо – Алжир, Брегот на Слоновата Коска – Сенегал, Етиопија – Нигерија, Тунис - Камерун и Гана – Египет.

10 октомври 2013 - 19:22