Училиште за англиски јазик: Паоло Ди Канио

Продолжува револуцијата во Сандерленд под водство на Паоло Ди Канио. Италијанскиот стратег во текот на летото им го промени цел стил на живеење на своите фудбалери, а сега им нареди и да учат по пет нови зборови секој ден.

Пред почетокот на сезоната Паоло Ди Канио се пофали со својата револуција во Сандерленд, а сега тој додаде нови правила на својот „манифест".

На фудбалерите на Сандерленд веќе неколку месеци им е забрането да пијат кафе пред натпревар, разговарање на мобилен телефон во тренинг центарот, лед во Кока колата, кечап и мајонез и пеење пред натпревар

Но Ди Канио се соочи со нови проблеми затоа што 13 од 14 фудбалери кои тој ги доведе летово се странци, па сега мора да ги учи и англиски јазик.

„Фудбалерите кои доаѓаат од странство одбрале да дојдат тука и мора да научат англиски. Мора да научат по пет нови зборови секој ден. Тоа е нивна должност. Не смеат да стојат наоколу во групи. Мора да се мешаат и да говорат на англиски", изјави Ди Канио.

Немаме детали околу начинот на кој Ди Канио ги испрашува фудбалерите секој ден, но според него, тие ќе добијат парична казна ако не научат по пет зборови секој ден.

15 септември 2013 - 10:01