Голманот кој брани во петта лига ја прошета цела Европа со Јувентус како турист

Во таборот на италијанскиот шампион има еден заборавен голман за кој сигурно веќе и управата не знае дека го има. Добил шанса само 30 минути на пријателска и кога го ставиле во игра му се треселе нозете, а кога Кјелини го носел дома со Поршето мислел дека гепекот е позади.

Јас играм напаѓач, бек или голман е прашањето за деца во маалски фудбал каде сите сакаат да одат напред и да даваат голови. Редок исклучок е некој да се пријави за голман како што тоа го сторил тоа Тимоти Ноки кој брани за Тутокуојо. Анонимен голман и анонимен клуб.

Се работи за играч кој почнал да игра како бек, но го мрзело да трча и побарал од тренерот да го стави на гол, позиција која ја засакал. Тимоти има и прекар, а тоа е Бетмен кој му го дале во Карара каде оставил голем впечаток.

„Кога нешто навистина правиш со страст успеваш да ги собереш сите нијанси и да правиш длабоки анализи. Ние голманите сме посебни, сите сме лудаци. Некој кој се фрла на земја меѓу нозете на луѓето и ризикува да добие удари не може да биде нормален. Шегите на страна, ама за бранење потребни се атрибути бидејќи еден дел од теренот е твој и зависи од тебе. Клучниот збор е карактерот, како оној на Буфон“, објаснува Ноки.

Се работи за голман кој всушност е член на Јувентус од 2009 година, но никогаш не сме го виделе во црно-белиот дрес бидејќи го носел само на тренинзи и кога седел на клупа, ако го викнеле и таму.

Кариерата му се одвивала во петта и четврта лига, а најголемиот дострел му е пласманот во втора лига. За да ви стане појасно, Тимоти Ноки е дел од младинската школа на Јуве, има договор дека е нивни член, но во изминативе седум сезони го пратиле на позајмица во вкупно 10 екипи, сите нисколигаши.

„Јувентус ме зема на 14 години и сега на моите 26 години уште му припаѓам на овој клуб. Кога бев дел од Примавера често ме земаа во прв тим како трет голман бидејќи тие месеци Буфон беше повреден и кога недостасуваше тој или еден од Кименти или Манингер ме викаа мене. Немам ниту еден официјален настап, но со Јуве ја прошетав цела Европа. Се сеќавам на овациите за Дел Пјеро на Бернабеу, момент на кој се ежам и ден денес“.

Тренинзите за него биле вистинско доживување бидејќи имал можност да гледа и да учи како тренира еден од најдобрите голмани во светот и да му брани пенали на Алесандро Дел Пјеро.

„Јас им бев најмалиот брат да речеме и сите ми даваа совети. Натпреварувањата со Џиџи, Кименти и Манингер секогаш завршуваа на ист начин. Губев и јадев шамари. Еден петок се сеќавам дека Дел Пјеро по враќањето од повреда вежбање пенали и слободни удари, а јас не успеав да му одбранат ниту еден“.

За Дел Пјеро и Буфон вели дека се “лудаци“ и тоа Тимоти го повторува три пати, а за Џиџи зборува со посебна восхит.

„Тој е монструм, карпа, машина, мит и пример за другите“.

Како играч нема многу што да раскаже освен половина час игра на пријателска средба.

„И ден денес кога ќе се сетам како Раниери ми вика: `Влегувај во игра` ми се тресат нозете. Тоа беше пријателски меч против Пјаченца, се останато е седење на клупа“

Има и една анегдота со Кјелини.

„Живеам во близина на Ливорно како него и понекогаш ме носеше дома бидејќи немав возачка дозвола. Пред да влеземе во кола ранецот сакав да го ставам позади, а Џорџо ми рече: `Тимоти каде одиш, таму е моторот, а багажникот е напред. Јас појма немав бидејќи прв пат во живот влегував во Порше“.

Тимоти е голман со нетипични две хобија за фудбалер. Чита многу книги и вози со кајак, а во фудбалската кариера која сака да ја помине без многу трчање се соочи и со тешка повреда на лигаментите која го оддалечи од терените две години. Потоа следуваше повик од петтолигашот Тутокуојо на кои им е благодарен за шансата.

Тимоти не престанува да сонува и да се бори за кариера во поголем клуб и кај него секогаш преовладува здравиот разум кој го означува неговиот карактер.

„Уште сум дел од Јувентус, но на 26 години тешко е да се предвиди иднина во овој клуб“.

Тимоти е искрен и има желба барем да се обиде бидејќи тој што се обидува може да загуби, но тој што не се ни обидува губи уште на почеток, а Бетмен не постои само во стриповите.

27 октомври 2016 - 14:48