Третото коло од ФА купот кое се играше 66 денови

Фудбалот кај нас мирува, инаку ако требаше да се игра на ѕиврава, натпреварите ќе мораше да се префрлат во сала. Пред 52 години, Англичаните се соочија со најголемиот студ од 1740-та година и натпреварите мораа да ги одложат 261 пати.

Од вкупно 29 закажани натпревари од третото коло во ФА купот, на 5 јануари 1963 година судиите означиле старт на само три средби. Престон загубил на домашен терен од Сандерленд со 4:1, Транмер и Челси одиграле 2:2, а Вест Хем го победил Плејмот 5:1.

На сите останати натпревари актери не биле фудбалерите, туку службите за чистење снег и мраз. Ладниот бран почнал да доаѓа во декември кога поради лоши временски услови биле одложени 18 меча во англискиот фудбал.

Јануари 63-та Велика Британија го памети како најладен месец во 20 век, а тој донел 4,5 метри снег, силен ветер, мраз и температури до -20.

Поради вонредната состојба Фудбалската асоцијација натпреварите од третото коло во ФА купот морале да ги одложат 261 пати, а тие се играле во рекордно најдолг период од 66 денови.

Во пракса соопштенијата изгледале вака:

„По многу одложувања поради лошите зимски временски услови, мечот Шефилд – Болтон кој требаше да се одигра на 5 јануари, конечно е закажан за 20 февруари во 19:15.“

Еден час пред почетокот следело ново соопштение:

„Натпреварот сепак е одложен за на 6 март, 19:15 часот.“

Тоа биле неизбежни соопштенија на речиси сите мечеви. Болтон на пример не бил во можност да игра пред своја публика во периодот од 15 декември до 2 март, а најодложувана била средбата Линколн Сити - Ковентри Сити, дури 15 пати.

Иако снегот успеале да го отстранат за да создадат услови за игра, проблемот потоа бил мразот на сите терени, па така само на стадионот на Рексем бил фрлени 80 тони песок.

Англичаните не биле баш добро подготвени за таков леден бран. На некои стадиони, се уште немало рефлектори, а луѓето од ФА ги поместувале натпревари од вечерните термини, за да се користи помалку струја.

Големото невреме го намалила производството на храна во земјата на 30%, а големи проблеми имало и со замрзнувањето на водата. Финалето од ФА купот на крајот се одиграло три недели подоцна од предвиденото.

Едниот финалист била екипата на Лестер која за разлика од некои клубови кои не се појавиле на терен два и пол месеци, успеале во јануари за пет дена да одиграат две кола.

Иако во полуфиналната пресметка против Ливерпул имале само три удари кон голот, а „Црвените“ 30, сепак фудбалерите на Лестер успеале да станат финалисти. На 25 мај на Вембли се сретнале со Манчестер Јунајтед, а „Црвените ѓаволи“ победиле со 3:1 и го освоиле најдолгиот ФА куп во историјата.

2 јануари 2015 - 17:00