Трејлер од документарецот на Нетфликс за Пеле

Единствен фудбалер со освоени три Мундијали. Спортист на векот прогласен од страна на МОК. Фудбалер на векот според ФИФА, заедно со Марадона. Еден од 100-те најважни луѓе на векот според Тајм. Гинисов рекорд: 1.283 гола на 1.363 натпревари.

Светот се спрема за 23 февруари, денот кога ќе излезе документарниот филм за една од најмаркантните спортски личности во историјата, Едсон Арантес до Нашименто кој се прослави планетарно под името Пеле.

Во најавата на Нетфликс стои дека документарецот се осврнува на извонредниот период кога Пеле, единствен играч со три титули на СП, преминал од млада супер ѕвезда во 1958-ма, во национален херој, среде радикалната и бурна ера во бразилската историја.

Филмот го прикажува извонредното патување на Пеле кој стана „Крал на фудбалот“ и ја одведе селекцијата на Бразил до историско освојување во 1970-та. Со редок и ексклузивен филмски пристап до самиот Пеле, филмот емотивно ја прикажува ѕвездата како одраз на неговата импресивна кариера.

Документарецот вклучува и ретки архивски снимки и интервјуа од поранешни легендарни соиграчи од Сантос и бразилската репрезентација како Загало, Амарилдо и Жарзињо, како и сведоштва од членови на семејството, новинари, уметници и други личности кои биле сведоци на златната ера на бразилскиот фудбал.

Пеле неодамна се најде во центарот на вниманието затоа што наводно сменил дел од својата биографија на Инстаграм, како одговор на тоа што Кристијано Роналдо му го сруши рекордот на постигнати голови.

Со двата гола против Удинезе минатиот месец Роналдо стигна до бројка од 758, што го прави прв стрелец на сите времиња. Пеле сега е втор со 757, постигнати на официјални натпревари.

Но Пеле ги демантираше тие обвинувања и објасни дека бројот на голови му стои запишан ист откако се приклучил на платформата Инстаграм.

Заедно со головите на неофицијални средби, тој има 1.283, бројка која е запишана во Гинисовата книга на рекорди.

5 февруари 2021 - 11:52