Толку од Лампард во Челси, на „Стемфорд Бриџ“ доаѓа Германец

Деветто место во Премиер лига после 19 одиграни кола, -11 бода зад лидерот Манчестер Јунајтед и неколку слаби резултати со најскапо платен тим е причината зошто Челси реши да ја отпушти клупската легенда.

По продажбата на Еден Азар и трансфер суспензијата, клубот кој изврши 14 тренерски смени во 16 години, реши да тргне по нов пат.

Лампард дојде како освежување и со голем ентузијазам ја поведе екипата. Но во последните пар месеци ништо не изгледаше како треба.

На Френк Лампард не му беше доволен успехот од 3-1 против Лутон Таун во ФА Купот. Управата на Челси денес му врачи отказ, а германски Скај пренесува дека Томас Тухел ќе добие 18-месечен договор.

Лампард седна на клупата на Челси во јули 2019-та наместо Маурицио Сари. Во првата сезона го однесе тимот во Лига на шампиони и до финале на ФА Куп.

По серијата од 17 меча без пораз на почетокот на новава сезона 2020/2021, нешто во Челси тргна надолу. Од средина на декември редеа порази на гости против Лестер, Арсенал, Вулверхемптон и Евертон, а изгубија и дома од Манчестер Сити.

АБРАМОВИЧ: „ТЕШКА ОДЛУКА“

Управата на Челси соопшти?

„Донесовме многу тешка одлука, не баш лесно решение на претседателот и управата. Многу сме му благодарни на Франк за тоа што го направи како менаџер на екипата. Како и да е, скорешните резултати и настапи не ги исполнија очекувањата на управата, на средина од табелата сме без јасна слика за подобрување.

Никогаш не може да биде добар момент да се разделиш од една клупска легенда каков што е Франк но под долги дискусии и согледувања, се одлучивме на смена за да и дадеме на екипата време да ги подобри резултатите и настапите сезонава“.

Во соопштението стои и порака од Роман Абрамович:

„Беше многу тешка одлука за клубот затоа што имам одличен однос со Франк и огромна почит за него. Тој е човек со голем интегритет и висока работна етика. Во секој случај, во актуелните околности веруваме дека е подобро да го смениме тренерот. Во име на сите во клубот би сакал да му се заблагодарам на Франк за неговата работа и да му посакам успех во иднина“.

Челси минатото лето „фараонски“ трошеше на пазарот (преку 200 милиони фунти за трансфер). Дојдоа големите германски ѕвезди Кај Хаверц и Тимо Вернер (двајцата платени вкупно 120 милиони фунти, дојдоа од РБ Лајпциг и Баер Леверкузен, на 35 меча под Лампард во Премиер лига постигнаа само 5 гола заедно и 6 асистенции), кои сега би можеле да заиграат како треба под водство на сонародникот Томас Тухел.

Тухел го освои ДФБ Купот на Германија со Дортмунд во 2017, а потоа во ПСЖ освои 2 шампионски титули и француски Куп. Стигна лани и во финалето на Лига на шампиони против Баерн Минхен.

25 јануари 2021 - 13:49