Тевез: Во мое маало беше опасно, ми ги убиваа другарите

Напаѓачот на Јувентус во интервју за Газета дело Спорт зборува за неговите фудбалски соништа, но се сеќава и на најлошите, оние кои му оставиле црна дамка во неговиот живот кога го загубил својот најдобар другар.

Карлос Тевез е роден во Фуерте Апаче, кварт во близина на Буенос Аирес кој важи за опасна зона каде постојано играат пиштолите. Има огромна лузна на вратот, но тоа не му повреда од тепачки, туку од врела вода со која се изгорел како мал.

Темпераментниот аргентински фудбалер имал голема среќа што не наседнал на лошите маалски игри со оружје, а најзаслужен за тоа бил неговиот најдобар другар кој го заштитувал и го држел настрана.

„Кабанас умре млад, и тоа премногу млад. Ми велеа дека застрелал полицаец во Фуерте Апаче и потоа беше само прашање на време кога ќе настрада. За кратко време следеше одмаздата и веќе во следната престрелка тој беше следната жртва".

„Ме држеше настрана од тоа што можеше да ми нанесе само штета. Тој заедно со уште неколку други момци избраа малку поинаков и комплициран пат, поразличен од мојот и никој не побара од мене да ги следам", раскажува Тевез.

Фуерте Апаче е таканаречена проклета зона со голема стапка на криминал каде го загубил и својот татко, но Тевез уште мал го одбрал уличниот фудбал.

„Во моето маало не можеше долго време да бидеш дете, туку веднаш стануваш возрасен. Животот е претежок, гледаш како ти умираат другарите и кога одиш на спиење во глава ти се вртат звуци од пукање. Од Ферте Апаче или излегуваш посилен или не остануваш жив. Но во мое време барем имаше некаков кодекс. Сега дрогата ги направи работите полоши и ја избриша секоја форма на респект, а за жал ја има насекаде", вели фудбалерот.

Тевез се потсетува и на неговото деби во Бока Јуниорс на 18 години, тим кој од секогаш го сакал и од каде по четири сезони поради финансиски проблеми на клубот бил продаден во Коринтијас.

„Во Бока освоив сè и доживеав многу возбудливи моменти. Се сеќавам на најголемата радост во 2003 кога го освоивме светското клупско првенство, а во финалето се сретнавме со Милан. Се уште патам поради црвениот картон на полуфиналниот меч во Копа Либертадорес против Ривер Плејт во 2004 година. Само што израмнив на 1:1, судијата ме избрка поради големата радост", вели Тевез.

Тој има освоено шампионска титула во Аргентина (Бока), Бразил (Коринтијас) и Англија (Јунајтед и Сити), но неговата желба е сега да стигне до титула и во четвртата земја каде настапува, но да го освои и трофејот во Лигата на Европа кој му фали во неговата кариера.

Серија А ја смета за најтешка лига во светот каде поради внимавањето на тактиката која е на високо ниво, нема лесен терен за освојување. Италија вели дека го направила комплетен играч каде ако можеш да постигнеш гол, тогаш можеш секаде.

17 јануари 2014 - 13:13