Столе јунак против Барселона, му одбрани пенал на Депај

Рајо Ваљекано се израдува на голема победа против каталонскиот тим, прва по пауза од 19 години. Мечот го реши Радамел Фалкао, а работата ја доврши Столе Димитриевски со херојска одбрана од 11 метри и „го избрка“ Роналд Куман од кормилото.

Рајо ја доби Барселона со 1:0, голем триумф за домашниот тим кој ја прелеа чашата во Каталонија. Барселона доцна синоќа на полноќ преку својот сајт соопшти дека Роналд Куман не е повеќе нивен тренер.

Голот за три бода на Рајо Ваљакано, Фалкао го постигна во 30-та минута.

A македонскиот репрезентативец ги отпиша гостите со фантастична парада во 72-та минута.

По овој пораз Барса клизна на 9. место со само 15 освоени бодови од вкупно 30 и има скор од 4 победи, 3 нерешени и 3 порази. Рајо изненадувачки е петти со 19 бода и на само -2 од Реал Мадрид, Севиља, Бетис и Реал Сосиедад кои имаат ист број на бодови.

На Барселона под водство на Куман не и оди ниту во Лига на шампиони каде има само победа против Динамо Киев. Во првите две кола загуби убедливо по 3:0 од Баерн и Бенфика.

Куман го водеше тимот од август 2020 година и уште на старт направи голем кикс откако се откажа од Луис Суарез, а ова лето остана и без Меси.

Марка пишува дека Барселона ќе се обиде да го замени холандскиот стратег со друга поранешна легенда, а тоа е Чави кој е тренер на Ал Сад во Катар.

28 октомври 2021 - 07:33