Стариот добар Руни се врати во Англија, стави капитенска лента и асистираше за гол

После пола година Вејн Руни одново игра во англиски клуб, овојпат на ниво подолу од Премиер лигата. Во Дерби Каунти дојде како играч-помошен тренер кој ќе му помага на Холанѓанецот Филип Коку.

На првиот меч, на дебито за Дерби против Барнсли (2:1) Руни (34) ја поведе екипата со капитенска лента, а после мечот Коку потврди дека Руни ќе остане капитен до крајот на сезоната.

Како во последните години од кариерата во Манчестер Јунајтед во 2016-та година, Руни и синоќа заигра помеѓу средниот ред и нападот.

„Некогаш во кариерата доаѓа момент кога мора да се направи избор. И во тој момент јас играм подлабоко во средниот ред“, изјави тогаш Руни пред Европското првенство.

Против Барнсли синоќа одигра цел натпревар, му намести гол на Џек Мериот, имаше 3 дриблинзи и неколку пати се расправаше со судијата. И покрај новата позиција, тоа беше стариот добар Руни.

Инаку Руни го претставија уште во август месец лани. Тој се договори со Дерби во јануари да го засили тимот, по крајот на сезоната во МЛС.

Го носи дресот со број 32 иако слободни биле 7, 12, 13, 15 и 18, броеви кои ги носеше во Евертон на почетокот на кариерата.

Причината што одбрал 32-ка е тоа што трансферот се реализирал благодарение на букмејкерската фирма 32Red. Руни се појавил дури и во една кампања во шоуто „Stay in Control“ каде обични луѓе зборуваат за проблемите со зависност од коцка и како се лекуваат од тоа.

Дерби е на 8 бода зад зоната која води во плејофот, но со новиот капитен шансите им се добри.

3 јануари 2020 - 08:42