Срцето на Пелисие чука за Киево, ќе формира нов клуб со исто име

Дојдоа од втора лига, 8 кола беа први на табела и стигнаа до квалификации во ЛШ. Немаше љубител на италијанско, кој не го величаше малиот клуб од Верона. Со напаѓачки фудбал правеше сензации против Интер, Милан, Јуве...и привлекуваше големи симпатии.

Никој не очекуваше дека клуб кој потекнува од кварт со 4.500 жители ќе биде способен да им пркоси на големите во Серија А и дека ќе може да стигне до Европа.

Сè започна со една банда во тоа време малку позната: Лупатели, Моро, Д`Ана, Лана, Д`Анџело, Ериберто, Корини, Перота, Манфредини, Марацина и Коради. Стартните пулени на Џиџи Дел Нери кои играа сериозно добар фудбал против секого.

Потоа низ годините и со Барцаљи, Ачерби, Сорентино, Амаури и ред други, меѓу кои не може никако да се прерипа еден, а тоа е Серџо Пелисие. Капитен, лидер, симбол на клубот каде стана рекордер по број на настапи и голови.

Пред четири дена имаше емотивен статус за згаснувањето на клубот, ден кој го опиша како еден од најтажните во животот. Напиша дека со сите сили се обидел да најде спонзори за да го одржи во живот, но не успеал.

Но за неговата голема љубов за кој се даваше 17 сезони, сепак успеа да најде решение на малку поинаков начин од оној кој за жал му беше неуспешен. Ќе формира нов клуб кој ќе го носи старото име со мала измена и ќе се вика ФК Киево 1929.

Стариот Киево не успеа да остане во Серија Б каде што требаше да се натпреварува оваа сезона, а Пелисие не успеа да го задржи ниту во Серија Д. Па во таква ситуација со новиот клуб ќе мора да почне од нула или поточно од најнизок ранг.

„Не можев да го прифатам тој крај. Немаше пари и начин како таа приказна да опстои. Сега ќе одиме од почеток и ќе се обидеме да направиме нешто важно, па ќе видиме што ќе се случува. Ќе изградиме здрав клуб со голема волја. Идејата ми се роди штом видов дека нема да може да се регистрира во втора лига. Верував и потоа мислев да кажам доста е, но Киево не смее да исчезне“, вели Пелисие

Поранешниот напаѓач кој се пензионираше во Киево на 40 години и на кој му го повлекоа дресот со број 31, работел турбо и се обидел преку сите контакти да стигне до спас на клубот.

„Скоро две недели барав спонзори. Потоа кога сфатив дека немам шанси, се свртив спрема другата идеја и се обидов да внесам и некои поранешни играчи со мене. Но многумина бараа да имаме некаква сигурност пред да влезат во новиот проект. Мене не ми беше гајле, одев до крај само да стигнам до целта. Прво треба да се создаде младински сектор и цврста структура која ќе биде силна и со чија помош ќе може да се направи нешто повеќе следната година“.

Стартот му е успешен бидејќи добил помош од една од клучните фигури од раководството на стариот Киево.

„Се најдов со поранешниот генерален директор Енцо Занин, кој 35 години беше дел од врвот и веднаш ми помогна, така што одиме напред. Јас ќе бидам претседател, дури и ако се смени официјалното име. Но во него зборот Киево мора да го има апсолутно. Не сакам да го купам стариот Киево со долгови, бидејќи немам пари за да ги платам. Сакам нов клуб кој ќе биде дел од федерацијата, бидејќи целосното исчезнување многу би ме повредило“.

Како го замислувам новиот Киево?

„Цврст, сериозен, скромен, инспириран од принципите на работа кои постоеа во мојот Киево, она што го живеев многу години. Разликата ја прават луѓето и јас верувам дека од суштинско значење ќе биде да се пронајдат вистинските, оние кои го сакаат Киево“.

Легендарниот голгетер кој во 2018-та му даде гол на Милан на 39 години и со тоа успеа да стане стрелец на клубот во сите 17 сезони, ги повика да се приклучат и навивачите.

Најпросто кажано Пелисие е Киево и ќе остане.

25 август 2021 - 15:17