Случајот со Имобиле ја покажува целата конфузија: негативен во Серија А, позитивен за УЕФА

Пази ова: според правилата на Серија А Чиро Имобиле е здрав, негативен на тест и може да игра. Според правилата на УЕФА е болен и не може да игра еврокупови. Кој кого овде?

Еден од најдобрите италијански центарфори на денешницата, Чиро Имобиле минатиот вторник не се појави на теренот во Белгија каде неговиот Лацио играше во 2. коло од Лига на шампиони против Бриж. Бил позитивен на тестовите кои ги прави УЕФА.

Во меѓувреме во неделата Имобиле влезе од клупа за резерви против Торино, постигна и гол (3:4 триумф на Лацио), а утре вечер пак нема да може да игра во Лига на шампиони против Зенит.

Утрово во клубот стигнал извештај од тестовите кои ги прави УЕФА на 48-72 часа пред секој натпревар во нивна организација. Стигнале резултати, а Лацио според правилата не објавил дали воопшто има позитивни фудбалери или членови на стручен штаб.

Напаѓачот максимално го одработил утринскиот тренинг и сите во претходните денови, но по разговор со спортскиот директор Игли Таре и со Перуци, го напуштил кампот во Формело и не тргнал со екипата за Русија.

Минатата недела сопругата на шпицот на Лацио, Џесика, на Инстаграм објави стори на кое преку стакло се гледа со италијанскиот репрезентативец. За гостувањето во Бриж минатата недела, Чиро Имобиле беше еден од многумината отсутни, а Лацио не објави кој е позитивен, но самиот факт што тој не отпатува воопшто за Белгија туку останал дома во карантин значеше дека бил позитивен на тестовите на УЕФА.

Од почеток на сезоната во Серија А, досега се одиграни 6 кола. Некогашниот шпиц на Торино, Борусија Дортмунд и Севиља не играше само на еден меч, против Сампдорија поради црвениот картон со Интер во претходното коло.

На сите тестови во Италија Имобиле бил негативен. А на оние од УЕФА позитивен.

Најверојатно цаката лежи во тоа што Серија А користи едни тестови, а УЕФА други и поради тоа што во Италија може да се игра после негативен ПЦР тест, а во Лига на шампиони е потребен и негативен антиген тест.

„Ние не коментираме индивидуални случаи. Во однос на прашањата поврзани со натпреварите од Серија А, ве молиме да се обратите кај соодветните италијански органи“, одговориле во прес-службата на УЕФА на новинарски прашања од РИА.

Вечерва Симоне Инзаги има прес-конференција (18:00), па најверојатно ќе се знае нешто повеќе и околу овој конфузен случај. Сличен проблем имаше и Интер со десниот бек Ашраф Хакими кој играше во Серија А но не и во Лига на шампиони.

Минатиот петок Италијанците направија неколку измени во антивирусните протоколи кои беа поставени на пролет. Сега клучен момент е: ако во екипата има позитивен тест, чистината на останатите се проверува само со брз тест на антигени. Можно е затоа да му било дозволено на Имобиле да игра со Торино.

3 ноември 2020 - 15:23