Шпанците ќе ја доиграат сезоната

Врховниот суд на Шпанија донесе пресуда според која се укинува штрајкот на фудбалската федерација најавен за 16 мај.

Шпанската фудбалска федерација соопшти дека нема заеднички јазик со владата околу неколку прашања и се жалеше дека Министерството за спорт многу им се меша во нивната работа.

Тие се незадоволни што добиваат само 4,55 проценти од приходите за тв права и тврдат дека никогаш не им било дозволено да најдат решение со кое би го приближиле шпанскиот фудбал до колективни договори за тв права, а не индивидуални.

И покрај тоа што за следниот викенд, најавија штрајк кој имаа намера да го прошират кај судиите, тренерите и регионалните федерации, Врховниот суд пресече дека тој е нелегален и дека нема да може да се одржи.

Тоа значи дека ќе се доиграат последните две кола во Примера каде Барселона има предност од четири бода пред Реал и е блиску до освојување на титулата. Каталонците овој викенд му гостуваат на Атлетико, а Реал Мадрид на Еспањол.

Проблемот со тв правата во Шпанија е што најголемиот колач го земаат Реал Мадрид и Барселона, за разлика од Премиер лигата каде парите се делат по основ на гледаност и успехот на клубовите.

14 мај 2015 - 15:10