Само да не ја исвиркуваат химната

Откако Реал Мадрид одби финалето на Копа дел Реј да се игра на Сантијаго Бернабеу, шпанската јавност две недели дебатираше за тоа каде Билбао и Барселона ќе се борат за пехарот од Кралскиот куп. На крајот се изгласа Камп Ноу.

Стадионот Ноу Камп по четврти пат ќе биде домаќин на финале на шпанскиот фудбалски куп. Главниот град на Каталонија ги пречекуваше финалистите во 1963, 1970 и 2010 година, а ќе ги пречека и на 30 мај годинава.

Така реши шпанската фудбалска федерација, која по низа натегања, го стави предметот на гласање. Ноу Камп победи со 26 наспроти 18 гласови.

Првичната понуда на претседателот на Реал Бетис, Бенито Виљамарин финалето да се игра во Севиља беше одбиена од страна на Жоан Гаспар. Поранешниот претседател на Барселона а денешен потпретседател во фудбалската федерација на Шпанија инсистираше дека финалето треба да се игра на Сантиаго Бернабеу во Мадрид. Сепак Кралевите одбија, под изговор дека на тој датум на Бернабеу ќе игра нивниот Б тим, Реал Кастиља.

Следуваше понуда од Атлетик Билбао, финалето да се игра на Сан Мамеш, но работата отиде во неповрат откако Барса бараше 50% од сумата на продадените влезници, а Баскијците одбија. Проблемот со одигрување на финалето во Севиља беше што истиот ден во градот ќе се одржувал медицински конгрес, така што хотелите веќе биле резервирани и немало доволно место за околу 50.000 навивачи на двата клуба.

Проблемот со местото на одигрување сега е решен, но останува оној со шпанската химна. Како пред секое финале на Копа дел Реј, така и оваа година ќе се интонира шпанската химна. Ако се знае дека Каталонците, а особено Баскијците не ја признаваат шпанската химна, ќе биде тешко да се запрат свирежите.

Претседателот на шпанскиот фудбалски сојуз, Анхел Марија Виљар изјави дека се разгледува можноста натпреварот воопшто да не започне во случај да биде исвиркувана шпанската химна.