Роди ме мајко фудбалер на ПСЖ, ама не на Амиен

L'Equipe ги објави платите на фудбалерите во првенството каде вреди да се оди за пари и титули само во еден клуб, оној кој во ракометна конкуренција го лапна Раул Гонзалес. Ова другово е колку да се пополни лигата.

Го знаете ли фудбалерот Серж Гакпе (Serge Gakpé), кој веројатно го напишавме точно. Се работи за член на Амиенс и репрезентативец на Того кој заработува 1.070 пати помалку од најплатениот играч во француското првенство.
 
Нејмар кој летоска направи рекорден трансфер за чудески 222 милиони евра од Барселона во ПСЖ, има месечна плата од 3 милиони евра или 36 милиони годишно, без дополнителни бонуси и други приходи кои му стојат во договорот.
 
Епа неговиот колега од првата француска лига заработува 2.800 евра месечно, пари кои се мали и за играчите на Вардар и Шкендија. Тоа се тие разлики меѓу Парижаните финансирани од луѓе кои спијат на пари, наспроти Амиенс кој игра на стадион со 12.097 седишта и сезонава дебитира во прва лига.

Просечната месечна плата во ова мало клупче изнесува 15.000 евра, а во ПСЖ 750.000 евра.
На топ 10 листата на најплатени фудбалери во Лига 1, дури деветмина се членови на ПСЖ и само Фалкао им ја расипува колегијалната листа. Таа оди вака:
 
1. Нејмар 3,067 милиони евра месечно
2. Единсон Кавани 1,54
3. Килијан Мбапе 1,5
4. Тијаго Силва 1,33
5. Анхел Ди Марија 1,12
6. Маркињос 1,12
7. Тијаго Мота 875.000
8. Хавиер Пасторе 770.000
9. Радамел Фалкао 750.000
10. Дани Алвеш 700.000
 
По нив следуваат Марко Верати со месечни примања од 600.000 евра, потоа Бен Арфа и Димитри Поје од Марсеј со 500.000. На 16-та позиција е Марио Балотели со 450.000 евра.
 
Од тренерите очекувано најплатен е Унари Емери од ПСЖ со 400.000 евра месечна плата, а потоа следуваат Леонардо Жардим со 350.000, па Клаудио Раниери со 340.000.
6 февруари 2018 - 15:49