Растоварено и храбро до позитивен резултат

Македонската фудбалска репрезентација предводена од Чедомир Јаневски вечерва на стадионот „Крал Бодуен" во Брисел се очекува да настапи без никаков притисок на реванш дуелот против силната Белгија.

Мотивацијата на првиот меч во Скопје против Белгија со оглед на тоа што се играше пред домашна публика, но и по три победи во низа, можеби беше поголема, но избраниците на Чеде Јаневски немаат што да загубат на вечерашниот меч.

Јасно е дека во нашата група А, Белгија и Хрватска се одлепија на водечните две позиции со кои се обезбедува билет за Бразил, но за Македонија тоа не треба да претставува обесхрабрување и откажување, затоа што до крајот на овие квалификации остануваат уште 5 кола.

Тоа е одлична можност за одржување на добрата игра на нашите репрезентативци, потоа остварување на тактичките замисли на Јаневски кој ја освежи репрезентацијата со модерен и напаѓачки фудбал и секако одржување на позитивната атмосфера во нашиот табор.

Љубителите на фудбалот сигурно дека ја очекуваат и посакуваат истата игра од „Филип Втори" со која Македонија се носеше рамо до рамо со богатиот и силен состав на Белгија. Се уште се навраќаме на стартот од мечот кога преку шансите на Јаховиќ и Тричковски можевме први да го отвориме резултатот.

Најмногу радува фактот што нашиот национален тим и покрај негативата од еден, а потоа и од два гола не се откажа и продолжи да се заканува пред голот на Белгија. Тоа го очекуваме и на вечерашната тешка пресметка на која Белгијците ќе се борат за лидерското место во групата, а ние за достоинство, престиж и поволен резултат.