Приказната за најпознатиот прозорец со ликот на Марадона кој станарот принудно го држи затворен

Од едната страна се наоѓа домот на станарот Чиро, од другата најкултното место во Неапол од каде дневно поминуваат по 30.000 до 40.000 туристи. Човекот едноставно не може да си дозволи да излуфтира, бидејќи веднаш му се дерат под прозор.

Меѓу изблиците на радост за историските достигнувања на Наполи се меѓу другото и муралите, како задолжителен декор во секој град каде што има навивачи.

Во Неапол има еден посебен од Диего Армандо Марадона, кој се наоѓа во познатиот шпански кварт на Виа Емануеле де Део, односно во срцето на градот.

Го има нацртано 23 годишниот самоук сликар и уметник, Марио Филарди после освојувањето на втората титула на Наполи. Го работел две ноќи и три дена во средина од 90-те, со пари собрани од навивачите.

Неколку години подоцна, убавината на сликата на ѕидот била расипана откако стариот станар, незаконски ставил прозорец токму каде што е нацртано лицето на легендарната 10-ка. Под прозорецот бил изграден и див паркинг.

Авторот Филарди не успеал да го обнови. Починал во 2010-та. 

Во 2006-та во станот се вселил извесен Чиро Витиело кој и ден денеска живее со своето семејство. Без проблеми дозволил муралот да биде реставриран.

„Кога дојдов да живеам овде, прозорецот веќе беше таму, а тоа е нешто што јас никогаш не би го направил. Кога ме замолија да го реставрирам муралот, веднаш реков да, бев многу среќен, но не само за мене, туку и за целиот град“. 

Идејата за реставрација на делото е на уметникот Салваторе Јодис во 2016 година. 

„Прво побарав дозвола од мајката на Филарди за да се допре делото на нејзиниот починат син. Сакав да ја вратам бојата и да му дадам живот на тоа дело како еден од првите такви големи мурали во Италија, прикажан на зграда и посветен на фудбалер“, објаснува Јодис.

Следната година, муралот дополнително бил ретуширан овој пат од страна на аргентинскиот уметник франциско Босолети кој им бил гостин на жители од населбата. Тие го убедиле да нацрта лице кое повеќе ќе личи на Марадона.

Паркингот за коли исчезнал и она што започнала како популарна иницијатива денес е задолжителна станица на туристичките водичи, кои застануваат за да им ја објаснат на посетителите историјата на муралот и прозорецот.

Пред него има дресови, шалови, знамиња, налепници и разно разни реквизити кои ја нагласуваат нераскинливата врска меѓу Неапол и Аргентина, каде голем дел од населението има италијанско или поточно наполитанско потекло.

И не само тоа. Местото е всушност мега популарно и туристичка атракција на која се отвориле бројни бизниси како тезги, пицерии, ресторани, барови, продавници за сувенири.

„Најголемото чудо на муралот е што економски успеа да го оживее целото маало. Едноставно со туризмот се врати животот на овие улици. Но не само за навивачите, од тука секој ден поминуваат по 30.000 до 40.000 туристи. Луѓето доаѓаат овде затоа што ја перципираат поезијата на ова место. Поезијата што ја воочив кога го следев делото од 90-тите, онаа на второто Скудето“, објаснува Јодице.

И пред смртта на Марадона, муралот во шпанскиот кварт било магично место за средба на обожавателите, сокриено среде мрежата на тесни улици во областа. Но, по 25 ноември 2020 година, стана светилиште, со постојан прилив на луѓе кои доаѓаат да му оддадат почит.

Често пати поминуваат и играчи и навивачи на противнички тимови кога играат во градот. Ставаат знамиња од сите земји, а тоа е моќта на фудбалот да обединува различни луѓе и култури.

Целиот култ што е создаден е овозможен благодарение и на Чиро, кој сите во околина го знаат и му се заблагодаруваат бидејќи местото успеа да стане свето, израз на градот, влезен во колективна меморија.

А пусти Чиро не може да луфтира дома од таа страна и постојано го држи прозорецот затворен, бидејќи ако го отвори може да му се дерат под прозот и среде ноќ.

„Пред неколку ноќи во два часот по полноќ, слушам како вика некој по мене и кога погледнав надвор имаше момче од соседството кое работи како таксист. Со него беа и петмина Аргентинци кои сакаа да го сликаат муралот. Веднаш го затворив прозорецот, извинете ако луѓето се чувствуваат лошо поради тоа бидејќи не можеа да го видат муралот. Во последно време стана речиси невозможно со доаѓањата и заминувањата што ги има секој час. Но како и да е за мене е гордост на мојот прозорец да го имам лицето на најголемиот“, вели Чиро.

Инаку постои и една анегдота со најславниот прозорец во Неапол, која се покажала како неточна и останата е само како измизлена приказна.

Тоа е дека прозорецот е отворен само четири пати, а тоа е по еднаш за првите Скудета на Наполи во 87-та и 90-та и уште по еднаш за светската титула на Аргентина лани и тулата на Наполи од пред неколку дена.

Но прозорците на зградата се отворени во 96-та и 97-ма, а постојат и фотографии на кои се гледа дека муралот е изработен претходно.

9 мај 2023 - 15:00