Последните четири фудбалски години на Канте

Дечкото со најмногу скратени топки, најголем посед на топка и најголем процент на прецизни додавања на вчерашното полуфинале се вика Н`Голо Канте. Не е тој од оние играчи кои се гледаат на огледало пред натпревар, се тегнат по трева и се расправаат со судијата. Тој е тивок, смирен и мисли само на фудбал.

Канте е еден од оние ретки играчи кои може нема да го забележите многу на терен, ама всушност тој е најголем работник. Можеби го прати и среќа, ама како велат среќата ги прати храбрите. 

Пред четири години веројатно не го ни познававте бидејќи играше за Каен, ама затоа гледајте како му се одвива кариерата од 2015-та па навака:

- Стана член на Лестер во 2015-та за 5 милиони евра: Ја освои Премиер лигата.

- Дебитираше за селекцијата на Франција во 2016-та: Стигна до финале на ЕП 2016.

- Потпиша за Челси во 2016-та: Ја освои Премиер лигата во сезона 2016/2017 и ФА Купот.

- Дебитира на Светско првенство во 2018-та: Ќе игра во финале.

Ете тоа е Канте, борецот на Челси и селекцијата на Франција, кој беше клучен играч во бајката на Раниери.

11 јули 2018 - 09:54