Поранешниот капитен на Македонија Митрески: „Путин е многу почитуван во нашата земја“

Македонија може да се пофали дека низ годините имала добри стопери кои нè претставувале во Европа. Таков беше Игор Митрески кои меѓу првите од нашите репрезентативци играше во модерната Лига на шампиони.

Игор Митрески на 19 февруари наполни 42 години (роден 1979). Стружанецот од кратовски Силекс во 2001 направи голем трансфер во рускиот гигант Спартак Москва каде уште во првата сезона ја освои титулата а следната 2002/2003 му се израдува на пехарот во Купот на Русија.

Во главниот град на Руската Федерација престојуваше до 2004 година и одигра вкупно 117 меча во сите натпреварувања меѓу кои и во еврокуповите. Тој е трет на листата странци со најмногу настапи за Спартак, трофеен клуб низ кој поминаа многу легионери.

Откако новиот тренер на екипата Александар Старков без објаснување го префрлил во резервниот Б тим, Митрески преку својот менаџер побарал раскин на договорот. Кариерата ја продолжи во Металург Запорожје, а играше уште и во израелски Бејтар, во германски Енерџи Котбус, во Белгија за Бершот, 4 сезони помина во Азербејџан во дресот на Нефтчи Баку како и во во Бугарија за ЦСКА Софија.

Во 2014-та година во Баку ја заврши богатата кариера.

Митрески важеше за еден подобрите стопери во Спартак па откако во Лига на шампиони успешно ги чуваше напаѓачите на Баерн Минхен, овој германски гигант се заинтересира за него но трансферот никогаш не се реализираше.

Стружанецот е секогаш интересен за руските медиуми. Овојпат во интервју за Sport24 на прашањата за тоа што е Русија за него, тој вели:

„Голема држава! Кога го гледам руското знаме чувствувам гордост. Сега Москва е изменета, се е во ред. Кога јас дојдов беше друг град и друга земја. Сега претседателот и владата прават се што е можно за Москва да биде најдобар град на светот. За мене општо најдобри градови на свет се Москва и Берлин“.

На „новинарски центаршут“ за Путин, Митрески „поентира со глава“:

„Кај нас во Македонија кон него имаме многу големо уважување. Тој ја презеде земјата речиси разрушена и еве веќе за 20 години се оди напред. Русија е сменета, се отворија и неколку прекрасни стадиони. Сметак дека со таков претседател Русија во следните години ќе станува се подобра“, рекол Митрески во разговор со новинарот на Sport24, Арарат Мамбрејан.