Павел Врба е чешкиот Алекс Фергусон

Сите навивачи кои во неделата ја гледаа Чешка против Исланд, имаа бесплатно пиво, затоа што селекторот Врба ја доби кладбата со пиварата Гамбринус и освои повеќе од 4 бода на 2 средби. Чешка со Врба има 4 од 4 и 12 бодови.

Одличниот ПР потег на пиварата Гамбринус допринесе за уште подобра атмосфера околу чешката фудбалска репрезентација. Пиварите му понудија кладба на Врба: „Освои 4 бода на 2 натпревари и ќе го частиме целиот стадион против Исланд“.

Чесите не чекаа многу и ја победија прво Холандија 2:1, а потоа со ист резултат и Турција во Истанбул. По успешниот септември, Чешка Република одигра и одличен октомври и ноември кога ги совлада Казахстан на гости 2:4 и Исланд дома 2:1.

Така Чешка Република по очајните квалификации за СП во Бразил, сега е на добар пат да се пласира директно на ЕП во Франција 2016. година. Најзаслужен за тоа е Павел Врба, селекторот на чешкиот фудбал. Методите на Врба не се непознати во Чешка, затоа што тој е најомилен тренер во неколку градови. Во 2007. година стана шампион со Жилина, екипа која со екстра напаѓачки фудбал постигна 80 гола на 36 натпревари.

По Жилина, во 2008. година, патот го однесе Врба во Викторија Плзен, клуб стар 100 години, а без ниту еден трофеј. Тренерот ги одби Спарта Прага и чешката репрезентација и реши со Плзен да направи нешто големо. Под негово водство, Плзен за првпат го освои домашниот куп во 2010. година, а потоа и 2 титули во првенството во 2011. и 2013. година. Врба два пати го однесе Плзен и во групната фаза на ЛШ.

„Кога дојдов во Плзен, на трибните имаше 150 навивачи. Во моментов клубот го гледаат 11.000 гледачи секое коло“, изјавил гордо Врба за чешката државна телевизија.

Поради тоа што форсира млади фудбалери, Врба често е споредуван со Арсен Венгер, а прекарот чешкиот Алекс Фергусон го добил по рекордните 157 лигашки натпревари на клупата на Плзен.

Харизматичниот тренер сакал нов и поголем предизвик и на крајот од 2013. година ја прифати понудата на чешкиот сојуз. Благодарение на атрактивниот и отворен фудбал кој го донесе Врба, Чешка Република во моментов е прва во групата А, со 12 бодови од 4 натпревари на кои постигна 10 голови а прими 5. Следен противник на Чесите е Летонија на 28-ми март следната година.