Офсајд ликови: Четворица судии од Малави

Кога ќе видите за колку пари се договориле да наместат натпревар и колку им останале, ќе ви падне жал за суспензијата и ќе посакате да ги вратат на терен. Ова го има само во Африка. Ама тоа не е сè, на крај не го ни наместиле мечот.

Главниот судија Азиз Ниренда, неговите помошници Лимбани Чизамби и Стефано Гомани и четвртиот судија Џими Фири се едни од најјаките офсајд ликови кои сме ги имале до сега во оваа наша ценета рубрика.
 
Сите четворица се доживотно суспендирани поради местење на натпреварот од националниот Куп на јужноафриканската земја, Малави меѓу Нхало Јунајтед и Читила Јунајтед.
 
Вакви цареви не се наоѓаат по втор пат поради две причини: Прво затоа што добиле мито од 20 долари кои требало да си ги поделат, а второ затоа што местенката не успеала и 15 долари ги вратиле назад.
 
За местењето се договарале со луѓето од Нхало Јунајтед, но откако овие загубиле на пенали по конечните 1:1 во регуларниот дел. си ги барале парите назад.
 
Судиите им вратиле 15 долари и бидејќи не ја добиле целата сума назад, цреповите од Нхало решиле да ги пријават во полиција. За сега не се објавени санкции против тимот, но постои случај кој се води и против нив.
 
Доживотната забрана на судиите е објавена од страна на Здружението на судии во Малави кое соопштува дека и покрај тоа што целта на резултатот не е остварена по нерегуларен пат, сепак има елементи за штелување.
 
Лимбани Чизамби кој е еден од помошниците изјави:
„Никогаш не сум земал дел од парите. Тажно е што мојата кариера заврши на ваков начин“.
Минатата година уште еден фудбалски судија во Малави беше суспендиран доживотно поради некомпетентност.
27 септември 2017 - 13:53