Офсајд лик: Хавиер Савиола

Ако ве интересира што се случува со кариерата на поранешната ѕвезда на Барселона, сега ќе дознаете. Се наоѓа во Андора, земја која може целосно да се испразни ако сите нивни жители се појават на Камп Ноу на ист натпревар.

И да биде и да не биде ова негово последно поглавје во фудбалската кариера, Хавиер Савиола дефинитивно влегува во нашата рубрика на Офсајд ликови. Нејасно е како фудбалер кој играл во напад со Роналдињо и Ето ќе се мотивира во Андора.

Се работи за фудбалска лига од 8 екипи, каде фудбалерите од работа одат на тренинг, а Савиола ќе биде дел од клубот Ордина, формиран во 2010-та кој има капацитет од 1.500 седишта. Маалски турнири кај нас собираат повеќе публика.

Не е целосно дефинирана неговата функција, бидејќи Савиола има договор како играч-асистент тренер кој остана од клупа да го гледа првиот меч на Ордина која загуби од Луситанс 1:0.

Тој првично ќе работи со јуниорите и се очекува да помогне и во првиот тим, но не е исклучена и можноста да заигра бидејќи официјално се нема повлечено од играчката кариера.

Савиола е без ангажман од јануари годинава откако раскина со Ривер Плејт каде ја почна кариерата во 1998-ма. Како младинец блесна со 45 гола за три сезони во Ривер, а во 2001-ва стана Светски првак со Аргентина У20. Тоа беше доволно за Барселона да го купи на 19 години за 15 милиони фунти.

Играше под водство на Ван Гал и Рајкард, беше на позајмица во Монако и Севиља, а потоа ги носеше дресовите и на Реал Мадрид, Бенфика, Малага, Олимпијакос и Верона.

Хавиер Савиола не е дека влезе во рангот на најдобрите светски напаѓачи бидејќи освен во Барселона никаде не стигна до бројка од 20 голови во една сезона, но зарем со неговото име и репутација не можеше да најде подобра работа.

21 септември 2016 - 11:45