Никој како Ливерпул, кој сезонава знае да игра само за финалиња

Делуваа збунето, конфузно и не можеа никако да се поврзат, а Виљареал ги надигра во првите 45 минути и се избори за 2:0, резултат за продолженија. Ама во второ полувреме се појави друг Ливерпул на терен, кој за 12 минути со три комада ги смачка Шпанците. Со пласманот во финале испишаа нова историја за англискиот фудбал.

Ливерпул стана првиот англиски клуб кој успеа во една сезона да стигне до финале во Лига на шампиони, ФА Куп и Лига Куп. Каков подвиг.

Серијата ја почнаа на 27 февруари кога на Вембли го совладаа Челси на пенали по серија од 22 удари од белата точка. Сите 11 играчи на Ливерпул погодија, а кај Челси промаши голманот Кепа кој биеше последен. Во полуфинале беа подобри од Арсенал со 2:0.

Финалето во ФА Купот ќе биде реприза на Лига Купот бидејќи и таму ќе се соочат со Челси, натпревар закажан за 14 мај, повторно во Лондон. Во полуфиналната пресметка го совладаа Манчестер Сити на гости со 2:3.

Третото финале и најважно е она од синоќа кое го остварија после двомеч со Виљареал против кој ја оправдаа фаворитската улога со две победи. Дома 2:0, на гости 2:3. Во финалето во Париз на 28 мај, го чекаат подобриот од дуелот Реал Мадрид – Манчестер Сити.

Меѓу овие две финалиња или поточно на 22 мај, се игра последното коло во Премиер лигата, што значи Ливерпул сезонава е во игра за четири трофеи. Таму остануваат уште три кола, но Сити бега еден бод и ако ги добие сите е шампион.

Ливерпул игра дома со Тотенхем и Вулверхемптон и на гости со Саутемптон, а Сити дома ги пречекува Њукасл и Астон Вила, а му гостува на Вест Хем.

Инаку Ливерпул стана само четвртата екипа со двоцифрен број на финалиња во ЛШ. Милан и Баерн имаат по 11, а рекордер е Реал со 16.

Работа за статистичарите имаше и околу тренерите. Јирген Клоп синоќа стана четврти тренер во историјата со четири финалиња во Лига на шампиони. Првото му е со Борусија Дортмунд кое го загуби од Баерн во 2013-та, а три му со Ливерпул (2018, 2019 и 2022). Вечерва Анчелоти има можност да стане прв со пет.

4 мај 2022 - 11:06