Непознатата позадина на најнезгодната мајка во светот на фудбалот, менаџер на ѕвездата на Јувентус и ПСЖ

Вероника Рабио, мајката на Адриен (некогаш со татково презиме Провост) кој како адолесцент го зел презимето на мајка му, важи за најострата жена во светот на фудбалот. До скоро речиси малку луѓе знаеле зошто е толку заштитнички поставена во кариерата на својот син, францускиот репрезентативец и освојувач на Лига на нации, Адриен.

Во последните неколку дена, илјадници навивачи на Јувентус бесно реагираа, коментираа, ја навредуваа мајката и менаџер на францускиот фудбалер Адриен Рабио поради чии барања и критериуми пропадна трансферот од Јуве во Манчестер Јунајтед.

Поради неа наводно италијанскиот клуб уште една сезона ќе мора да одвојува висока плата за фудбалерот кој можеше да го олесни клупскиот буџет и да отвори место за друг играч. Но...

Во Франција приказната на Вероника Рабио доспева до јавноста уште во 2011-та, кога 16-годишниот суперталентиран Адриен тренира и игра за младинците на ПСЖ, модерниот и богат клуб од неговиот роден град Париз.

Во еден момент ПСЖ организира пријателска за младинците со иста возрасна категорија млади фудбалери на Оксер. Тогаш младиот талент Адриен Рабио дава два гола и ги заинтригирал ловците на таленти.

Но јавноста се заинтересирала за приказната која што Вероника Рабио ја раскажала. Таа рекла дека пријателската меѓу младинците на ПСЖ и Оксер ја организирала таа со луѓето од двата клуба, а со цел татко му на Адриен, Мишел Провост кој тогаш се наоѓал во Оксер да може да го гледа син му како игра фудбал. За првпат.

Мишел Провост имал тежок мозочен удар и боледувал од синдромот на изолација (sindrome di lock in).

„Тој имаше тежок мозочен удар. Целосно е инвалидизиран и може да се изразува само преку очните капаци“, рекла Вероника.

Синдромот лок-ин (lock-in) прв така го дефинирал Жан-Доминик Боби, главен уредник на реномираниот магазин Elle кој по тежок мозочен удар можел да комуницира само преку левиот очен капак.

После дваесет дена Боби излегол од кома и сфатил дека му е парализирано цело тело освен левото око. Лекарите на клиниката смислиле посебен начин на комуникација со Боби во кој логопед бавно читал букви од француската азбука по ред и ако Боби мислел на некоја буква трепкал еднаш со левиот очен капак, а ако сакал да каже „не“, трепнувал два пати.

На овој начин Жан-Доминик Боби со помош на блиските и логопедите напишал книга „Скафандерот и пеперутката“ која после во филм ја прераскажал Јулиан Шнабел.

Симпатичниот Адриен Рабио откако дал два гола на мечот со младинците на Оксер, побарал да го извадат од игра за да може остатокот од мечот да го гледа со татко му. Ова за жал бил единствен пат кога татко му во живо можел да го гледа Адриен како игра фудбал. 

„Секако, тој ми ја пренесе страста за фудбалот и за ПСЖ“, му кажал Адриен на еден присутен локален новинар кој бил крај теренот во Оксер. 

Мишел Провост, таткото на Адриен, починал на 27 јануари 2019-та година, цели 12 години по тешкиот мозочен удар. Оттука врската на сјајниот фудбалер со мајка му станала уште посилна, а голем дел од јавноста кој не ја знае позадината на целата приказна, иронизира, се мајтапи и се исмева со Вероника и Адриен Рабио. 

Валтер Сабатини, некогашниот спортски директор на Рома, во време кога Французинот Гарсија беше тренер на „римската волчица“ еднаш при едно интервју го ставил Рабио и мајка му во негативна категорија на луѓе и дека првпат видел како син доаѓа на преговори заедно со мајка му и ја чека надвор седнат на некој паркинг. „Нешто како филмска сцена“, ќе каже Сабатини, несвесен нималку за тажната и трагична позадина на семејството на Адриен.

„Мајката (Вероника) пред да стане додаде уште нешто, мене никој не ми преведе (од француски), но разбрав што сака, бараше потврда (дека синот сигурно ќе игра), јас збеснав. Урлав ’Како си дозволувате!’ И си заминав. Мајката сакаше да зборува со Гарсија (тренерот). Никогаш и веќе никогаш! Ако дозволиш на една мајка да биде „на ти“ со тренерот, за еден миг ќе ја видиш и во соблекувалната“, рекол Сабатини. Рабио од ПСЖ со кој освои дури 4 шампионски титули, 4 Купа и 5 Лига Купа, отиде во Јувентус и со „Старата дама“ се закити со скудето, Куп и Суперкуп на Италија.

ШТО БИДНА СО ТРАНСФЕРОТ ОД ЈУВЕ ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД?

Луѓе од Манчестер Јунајтед дошле во Торино да преговараат за трансферот на Рабио во Премиер лига, но операцијата пропаднала во последен момент.

Двата клуба постигнале договор но не и менаџерот на Рабио со Јунајтед. Вероника наводно барала плата за синот во висина од 9/10 милиони евра а Јунајтед не можел да оди преку 6,5 фиксна плата која со бонуси би достигнала до 8.

Французинката играла на картата дека договорот на Рабио истекува дури следното лето 2023-та година и тогаш кога Адриен ќе биде слободен играч, ќе може да преговара со повеќе страни. Наводно и самиот Рабио сакал да игра во Лига на шампиони, адут кој Манчестер Јунајтед не може да му го пружи сезонава. 

18 август 2022 - 13:35