Нема веќе пијан бев, ќе си лежиш затвор

Ригорозните закони и истрајноста во судските процеси ги направија британските стадиони културни попришта на најубави фудбалски претстави, така што ретко може да се види некој типичен пијан морон. А и кога ќе се види, одма го апсат.

Англиската јавност под голема лупа ги следи сите случаи на расизам во Премиер лигата, најгледаното првенство на целиот свет. Ај што по стадионите има камери, туку има и освестени луѓе кои на прва реагираат ако видат некој до нив како испушта мајмунски крици и урликања на сметка на некој црн противнички фудбалер.

Така, 24-годишниот Џорџ Рејнолдс за време на мечот Брајтон - Тотенхем на цел глас ги навредувал црните фудбалери од европскиот вицешампион.

Брзо му се сипале некои присутни навивачи на „Амекс“ стадионот и го прекорувале да не биде расист. Рејнолдс им возвратил па настанала гужва.

Тоа ѝ овозможило на британската полиција да го лоцира виновникот кој во полиција рекол дека бил пијан и дека не памти што било, но дека ја прифаќа пресудата која на 8 недели го праќа во затвор.

Рејнолдс бил сезонец на стадионот на Брајтон, а клубот решил да му ја одземе сезонската карта и засекогаш да го суспендира од сите манифестации и настани поврзани со клубот.

„Имаме нула толеранција на расизам“, рекол Пол Бербер, директор во премиерлигашот Брајтон, а истото го повторил и Дарен Балкам, командир во полициската страница во Сасекс.

4 февруари 2020 - 11:28