Нема да играм за Франција додека сум жив

Самир Насри ја шокираше француската фудбалска јавност со изјавата дека веќе нема да заигра за Триколорите, па дури и татко му да стане селектор на Франција.

Во интервју за француската државна телевизија, Самир Насри изјави дека никогаш не помислувал повторно да заигра за репрезентацијата. На таков потег го натерал односот на селекторот Дидие Дешамп кој го исфрли Насри од составот за Свеското првенство 2014-та во Бразил, после што девојката на Насри твитна „F**k France“ и ја разгневи нацијата.

Поранешниот фудбалер на Арсенал кој сезонава никако да се избори за првотимски статус во Манчестер Сити изјави дека сакал да ја напушти селекцијата на Франција уште по ЕП 2012, но се надевал дека ќе заигра на Мундијалот во Бразил.

„Дури и татко ми да биде селектор, нема да се вратам во репрезентацијата. Многу пропатив со повиците, а пропуштањето на СП ме уништи. По 2012-та година сакав да престанам со играње за репрезентацијата, но татко ми ми кажа дека треба да играм на Мундијалот. Се обидов да бидам добар, имав одлична сезона во клубот пред Светското и имав добра статистика. Но тоа не им беше доволно. Не потценувам никого, но кога ја видов листата за првенството бев шокиран. Имам своја вина, но кога си голем тренер треба да се бориш со егото", изјави Насри за француската телевизија.

Самир Насри уште повеќе ги налути Французите со изјавата дека му е поубаво во Англија, отколку во татковината.

„Не се гледам себеси назад во Лига 1. Ја сакам Премиер лигата. Ми се допаѓа животот во Англија, а во иднина се гледам во американската МЛС, затоа што сакам да пробам нешто друго од француската лига“, заклучи фудбалерот на Манчестер Сити.

 

6 октомври 2015 - 23:09