Најбрзите рекордни голови во најдобрите европски лиги

Времето е вечен сопатник на големите моменти во спортот. Скоро сите повеќе ги паметат головите во последни секунди, а ретко кој се сеќава на стрелците на рекордно најбрзите погодоци во најдобрите лиги.

КОЈ Е НАЈБРЗ ГОЛ ВО ИСТОРИЈАТА ВООПШТО?

Уругваецот Рикардо Оливеира се смета за стрелец на најбрзиот гол во историјата на фудбалот. Во 1998-ма година тој постигнал гол за 2,8 секунди и тој е и официјално внесен во Гинисовата Книга на рекорди како најбрз гол на официјален меч меѓу професионални клубови.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО ПРЕМИЕР ЛИГА (извор Премиер лига)

1. Култниот центарфор Шејн Лонг и натаму е апсолутен рекордер во англиската Премиер лига со најбрз гол. На мечот Вотфорд - Саутемптон во сезоната 2018/2019, Ирецот најде пат до мрежата за 7,69 секунди.

„Дознав за рекордот дури после мечот, појма немав колкаво време било на претходнот рекорд. Пред сè сакав да спречам долга топка напред што Вотфорд го вежбаше на тренинзите“, рекол Лонг после рекордот кој уште долго ќе биде прв на листата.

2. Втор најбрз погодок откако се мери во англиската Премиер лига постигна Филип Билинг и тоа скоро, во сезоната 2022/2023 за Борнмут на гости кај Арсенал за само 9,11 секунди.

3. Ледли Кинг е стрелец на третиот најбрз гол во историјата на Премиер лига. Овој снажен стопер во сезоната 2000/2001 постигнал погодок за Тотенхем на гости кај Бредфорд за 9,82 секунди.

4. Легендарниот Алан Ширер во сезоната 2002/2003 на мечот Њукасл - Манчестер Сити прослави гол после само 10,52 секунди.

5. Во 2017/2018 Данецот Кристијан Ериксен го отвори резултатот на големото дерби Тотенхем - Манчестер Јунајтед со гол во 10,54 секунда.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО ЛА ЛИГА (извор Ла Лига, Relevo)

1. Во шпанската Примера рекордер со најбрзо постигнат гол е Хосеба Љоренте кој на мечот Ваљадолид - Еспањол во сезона 2007/2008 постигнал погодок само 7,22 секунди по првата судиска свирка за почеток.

2. Сејду Кеита на дуелот Алмерија - Валенсија во сезоната 2013/2014 ги израдувал гостите со погодок во 7,6 секунда.

3. Уругваецот Дарио Силва кој е клупска легенда на Малага, е трет на оваа вечна листа со гол постигнат после 8,24 секунди против Ваљадолид во сезоната 2000/2001.

4. Романецот Флорин Андоне дал гол за Кордоба против Еибар во сезоната 2014/2015 во 9,8 секунда.

5. Карлос Диарте е петти на оваа листа со гол за домаќините во 10-та секунда од мечот Валенсија - Елче во 1977/1978.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО СЕРИЈА А (извор Sky Sports)

1. Португалскиот репрезентативец Рафаел Леао неодамна, во сезоната 2020/2021 за Милан против Сасуоло на гости постигна гол во 6,76 секунда и тоа е апсолутно најбрз гол во историјата на италијанска Серија А. Тешко дека некој ќе го надмине во догледно време.

2. Во сезоната 2001/2002 Паоло Фоџи од Пјаченца постигнал неверојатно брз гол кај Фиорентина на гости за 8,36 секунди.

3. Мексиканецот Ирвинг Лозано во истата сезона кога Леао постигна рекорд, даде гол за Наполи во Верона во 9,28 секунда и малку фалеше тој да биде апсолутен рекордер.

4. Марко Бјанка фудбалер на Удинезе во 1992/1993 на мечот против Фиорентина постигнал гол после 9,48 секунди од почеток на средбата.

5. Во далечната 1988/1989 Џанфранко Матеоли постигнал гол после само 10 секунди од стартот против Чезена.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО БУНДЕСЛИГА (извор Бундеслига)

1. Лукавиот и брз центарфор Кевин Фоланд постигнал гол после 9 секунди за Хофенхајм против големиот Баерн Минхен во сезоната 2015/2016.

2. За исто 9 секунди рекорден гол постигнал и Карим Белараби за Баер Леверкузен на гости кај Борусија Дортмунд во сезоната 2014/2015 и тој го дели рекордот со Фоланд.

3. Култниот германски шпиц Улф Кирстен кој жареше и палеше за Баер Леверкузен, во дресот на овој тим против Кајзерслаутерн во 2001/2002 постигнал гол после 11 секунди.

4. Бразилецот Елбер кој беше врвен центарфор во Баерн Минхен е на оваа рекордна листа со гол исто во 11-та секунда на мечот против Хамбург во сезона 1997/1998.

5. Исто за 11 секунди рекордно брз гол постигнал и Паул Фрајер од Бохум на меч против Минхен 1860 во сезона 2002/2003.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО ЛИГА 1 (извор Opta со мерења од 2006)

1. Неодамна, Килијан Мбапе, светскиот шампион со Франција од 2018-та, стана и стрелец на најбрзиот гол во француската Ла Лига (со мерења од статистичката Opta од 2006).

Мбапе во сезоната 2022/2023 на гости кај Лил на неверојатна асистенција на Меси постигна гол за ПСЖ после само 8 секунди!

2. Хабиб Диало во истата сезона 2022/2023 постигна погодок за Стразбур против Монпеље за 13 секунди.

3. Исто за 13 секунди рекордно брз гол дал и Јоан Гуфран во сезоната 2011/2012 на за Бордо на дуел на гостински терен во Оксер.

4. На Јарослав Плашил му требале само 14 секунди да постигне гол за Бордо против Нанси во сезоната 2010/2011.

5. Валентин Бада е на оваа рекордна листа со гол исто после 14 секунди исто за Бордо на истиот стадион како Плашил, само против Тулуз во сезоната 2016/2017.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ (извор УЕФА)

1. Фантастичниот Рој Макај на големото дерби Баерн Минхен - Реал Мадрид во Лига на шампиони во сезоната 2006/2007 постигна гол за 10,12 секунди и тоа до денес е најбрз погодок во елитното натпреварување.

2. Жонас од Валенсија му се приближи екстремно многу на Макај откако во сезоната 2011/2012 постигна гол за „лилјаците“ против Баер Леверкузен за 10,96 секунди.

3. Жилберто Силва, Бразилецот од Арсенал е на трето место на оваа листа со гол за 20,07 секунди на гостувањето кај ПСВ Ајндховен во 2002/2003 во Лига на шампиони.

4. Алесандро Дел Пјеро во сезона 1997/1998 постигна неверојатно брз гол на дербито со Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ во 20,12 секунда.

5. Кларенс Сидорф, уште една голема легенда на светскиот фудбал, во сезоната 2005/2006 за Милан донесе водство на гости кај Шалке после 21,06 секунди.

НАЈБРЗИ ГОЛОВИ ВО ЛИГА ЕВРОПА (извор УЕФА)

1. Јан Сикора со гол постигнат после 10,69 секунди во сезона 2016/2017 е рекорден со најбрзо даден погодок во Лига Европа. Тој ова го сторил во дрес на Либерец на гости кај Карабах.

2. Елиф Елмас, македонскиот репрезентативец го постигна вториот најбрз гол во историјата на Лига Европа. Како играч на Наполи во сезоната 2021/2022 против Спартак Москва.

3. Витоло од Севиља во шпанското дерби со Виљареал во Лига Европа во сезона 2014/2015 се израдувал на погодок после 13,21 секунди.

4. Исмаел Бланко како фудбалер на АЕК Атина против БАТЕ Борисов го совладал голманот на гостите после 15,19 секунди.

5. Кеита Балде кој играше за Лацио, за Римјаните на мечот со Лудогорец во Бугарија во сезона 2013/2014 постигнал гол после 16,88 секунди и тој е петти најбрз гол во историјата на Лига Европа.

Меѓу најбрзите голови во светскиот фудбал е и Русинот Михаил Осионов кој во 2011-та година за својот клуб МИТОС од Новочеркаска на меч со Олимпија Геленџик постигнал гол со прв удар од центар за 2 секунди:

7 март 2024 - 11:09