Мурињо ќе биде набркан со таков пристап

„Специјалниот“ секогаш сака да биде најдобар, но во пресрет на неговиот прв меч сезонава во Премиер лигата изјави дека не е грев ако се заврши втор на крај. Сите негови претходници, заедно со него, со таков пласман добиваа отказ од газда Роман Абрамович.

Рускиот милијардер на „Стемфорд Бриџ“ летово донесе имиња како Диего Коста и Цеск Фабгрегас, а за да ги исполни желбите на Мурињо потроши скоро 100 милиони евра за трансфери.

Челси вечерва го игра првиот меч против Барнли и го заокружува првото коло од новата сезона во Премиер лига, но изјавата на Мурињо воопшто не му оди во прилог доколку не размислува единствено на титула.

„Ова е единствената лига во светот каде четири, пет или шест клубови се конкуренти за највисок пласман. Само еден може да слави, дали тоа значи дека останатите пет се лузери? Не би рекол“, изјави Португалецот.

Досегашната статистика во ерата на Абрамович покажува дека сите тренери кои не успеале да ја освојат шампионската титула се збогувале со „Сините“ од Лондон.

Тоа му се случи и нему во третата сезона како тренер на Челси, претходно со Клаудио Раниери во 2004 година, а потоа и со Аврам Грант. Сите овие стратези беа отпуштани откако завршуваа втори на табелата.

Русинот не им даваше уште една шанса ниту на Слокари, Вилаш Боаш и Ди Матео кои немаа можност ниту да комплетираат цела сезона како тренери на Челси, а со отказ се соочуваа и Бенитез и Хидинк кои беа моментална замена.

На прес конференцијата во пресрет на мечот со Барнли, Мурињо рече дека на крајот од сезоната, неговата работа ќе ја оценуваат навивачите и играчите, но најважно е каква оценка ќе добие од газдата. 

Доколку продолжи со својата традиција, а тоа е секогаш во својата втора сезона со претходните клубови да освојува титула, тогаш нема потреба да се грижи за неговата иднина на „Стемфорд Бриџ.“

18 август 2014 - 17:47