Прекршениот збор на Крањоти

Мојот бурен 31 август на Олимпико во Рим

Да ми кажеше некој дека Лацио во ист ден, во тоа златно време ќе ги продаде двете најголеми ѕвезди, немаше да му верувам. Но летниот период за трансфери заврши, а навивачите палеа трафики и коли и беа до толку избезумени што почнаа да се тепаат меѓу себе.

Затворањето на преодниот рок за трансфери кој традиционално завршува на 31 август знае да биде полн погодок за едни, но болен чин за други навивачи на кои ако им го продадеш највредното кршат се пред себе и не бираат начин како да ја покажат лутината.

Во тоа се уверив сам, со свои очи на Олимпико во Рим на 31 август 2002 година. Се играше пријателски меч меѓу Лацио и Јуве во пресрет на новата сезона во Серија А во која титулата ја бранеше Јувентус.

За Лацио настапија: Перуци, Одо, Стам, Коуто, Сорин, Фиоре, Симеоне, Ливерани, Манфредини, Лопез и Инѕаги. Од клупа влегоа Маркеџани, Панкаро, Михајловиќ, Негро, Фавали, Џаникеда, Станковиќ, Цезар и Кастроман. Тренер беше Роберто Манчини.

За Јуве: Буфон, Турам, Јулијано, Ферара, Морети, Каморанези, Такинарди, Бајоко, Недвед, Дел Пјеро и Залајета. Марчело Липи им даде шанса уште и на Кименти, Фрези, Монтеро, Бириндели, Паро, Давидс и Ѕенони. Судија: Пјерлуиџи Колина

На ден пред овој меч кога истекуваше рокот за трансфери, во италијанските весници и на телетекст стоеше изјавата на претседателот на Лацио со која ги смири навивачите околу шпекулациите за продажбата на најважните двајца играчи.

„Неста и Креспо остануваа во Лацио 100%“, гласеше изјавата на Серџо Крањоти, но следниот ден го отворив телетекстот на Милан и Интер. Првиве објавија дека Неста е нивниот нов играч, а вторите се пофалија со Креспо. Крањоти го прекрши зборот, а за навивачите на Лацио тоа беше крајот на еден сон во најубавите времиња за клубот.

Од Алесандро Неста кој почна во младинската академија на Лацио во 1985-та, а дебитираше во Серија А во 93-та во тимот на Дино Ѕоф, Крањоти заработи 30 милиони евра. Креспо го купија во 2000-та за 55 милиони евра од Парма, рекорден светски трансфер во тоа време, а го продадоа за 26 милиони евра плус Коради.

Тоа беа убави времиња за италијанскиот фудбал богат со играчи како Зидан, Дел Пјеро, Трезеге, Турам, Шевченко, Руи Коста, Малдини, Костакурта, Толдо, Канаваро, Рекоба, Виери, Салас, Михајловиќ, Станковиќ, Симеоне, Лопез, Стам, Кафу, Монтела, Батистута...

За Лацијалите тоа беше болно бидејќи се збогуваат со симболот на Лацио и еден од најдобрите дефанзивци во Италија и Европа, кои со своите 26 години беше во најзрелата фудбалска возраст, додека Креспо беше во топ форма и во првата сезоната во Лацио заврши како најдобар стрелец во Серија А со 26 голови.

Крањоти потоа изјави:

„Продажбата на нашиот капитен, Алесандро Неста е голема жртва за да се олесни финансискиот дизбаланс на клубот и да му се гарантира мир во новите сезони на успеси, секогаш во елитата на светскиот фудбал“.

Да се вратиме на мечот кој воопшто не изгледаше на пријателски, барем според случувањата на Курва Норд, трибината на ултрасите на Лацио. Резултатски Јуве на стартот беше во шок. Ослабениот Лацио со Фиоре во 3-та и Лопез во 7-ма имаше 2:0 за делириум на Олимпико каде радоста беше повеќе измешана во бес.

2:0 на пријателска против Јуве не е никакво лечење на раните. Денот за лацијалите беше претежок за поднесување па почнаа да прават нереди, а полицијата одговори со солзавец од кој страшно многу печат очи и потоа и да сакаш не можеш да гледаш фудбал. На помош дојде дечкото кој продаваше пијалаци и со леген полн со вода ни приоѓаше да си измиеме лице.

Глупавото чувство траеше некаде до крај на прво полувреме кога полицијата се повлече, а на паузата сликава беше ваква: Еден навивач делеше вода, друг сладолед, трет сокови, четврти фрлаше со пици кај ќе стигне, петти носеше пакети со тренерки од Лацио.

Тројца навивачи носеа и компјутер со себе и секој од нив имаше по еден дел, монитор, куќиште и тастатура. За циркузот да стане поголем се погрижи еден навивач кој извлече црево од пожарна со кое прскаше во толпата. Потоа настана тепачка во која летаа тупаници на сите страни. Општа калакурница.

Второто полувреме почна, но на никој не се загрижи што Јуве дојде до израмнување преку Морети и Недвед. Мечот беше ризично да се гледа до крај бидејќи кој знае како ќе одговореше полицијата на хаосот кој настана на полувреме.

Си заминавме неколку минути пред судијата да свирне крај. Продавниците на стадионот беа обиени и демолирани, пред стадион гореше кола и трафика, а следниот ден кога пристигнав во Скопје, прво купив весник и го прочитав следново:

Конечниот биланс беше 12 уапсени навивачи од кои 8 завршија во затвор, тројца навивачи на Јуве повредени со нож, исто како и двајца полицајци. По тој ден како да се промени историјата на Лацио.

Последниот дел од изјавата на Крањоти „секогаш во елитата на светскиот фудбал“ се покажа само како фраза во која нема вистина ниту 1%. Главниот спонзор на Лацио, компанијата за домати Чирио пропадна, а Крањоти во јануари следната година се повлече од клубот. Лацио кус период беше под водство на Уго Лонго и сега веќе 12 години е во рацете на Клаудио Лотито. Повеќе од Куп и Супер Куп на Италија навивачите немаат прославено.

П.С. Голем кикс направив што не понесов апарат на тој меч, па освен исечокот од наш весник, ја чувам и картата :).

Головите од мечот

Филип Нацоски

1 септември 2016 - 12:47