Многу људски гест на Антонио Кандрева

Познатиот италијански фудбалер го знаеме како ѕвезда на Интер и италијанската репрезентација, но дечкото има и други квалитети надвор од фудбалот. Со овој потег прави ем добрина, ем испраќа фина порака во земја која има многу проблеми со дискриминација.

Италијанските медиуми пренесоа тажна приказна за девојче кое почнало да плаче кога добило редуциран оброк за ручек. Се работи за осново училиште во местото Минербе кое се наоѓа во близина на Верона.

Девојчето јадело само една конзерва со туна за време на големиот одмор, а другите ученици добивале комплетен ручек составен од тестенини, како и втора чинија со јадење.

Проблемот се состоел во тоа што детето доаѓа од семејство на имигранти кои немале пари да и платат целосен оброк во школската кантината.

Кога Кандрева го видел тв прилогот веднаш се понудил за помош и решил да и плати годишна школарина која опфаќа редовни и целосни оброци.

По приказната за девојчето се испоставило дека и други деца на имигранти го имаат истиот проблем кој стигнал да се дискутира и на повисоко ниво.

Еден од најистакнатите политичари во Италија во моментов е министерот за внатрешни работи Матео Салвини кој е дел од популистичка коалициона влада, како и “експерт“ за фудбал кој му се вмеша на Гатузо во работата.

Опозицијата ја обвини власта за дискриминирачки избор, а италијанските медиуми критикуваат и прашуваат: Како може да се нарече фер кога девојка од основно училиште е понижена бидејќи нејзините родители се во долгови?

10 април 2019 - 16:19