Македонија потона уште седум места на ФИФА листата

Македонската фудбалска репрезентација сега е на 139-та позиција на ранг листата на ФИФА, а нè поминаа земји како Чад, Јужен Судан и Казахстан.

По поразот од Луксембург, нашиот национален тим на претходното рангирање падна 28 позиции и се најде на 132-место, но сега имаме нов најлош пласман во историјата, а тоа е 139-та позиција. Подолу сме биле само во 1994 година кога со 147-та позиција за прв пат сме се нашле на рангот на Светската куќа на фудбалот.

Подобри од нас се Палестина, Филипини, Танзанија, Кувајт, Сирија, Свазилент, Свети Винцент и Гренадини, Судан, Ерменија, Мозамбик, Кенија, Киргистан, Туркменистан, Сиера Леоне...

Инаку на ранг листата на ФИФА има 209 селекции, а од европските полоши од Македонија се само Луксембург, Молдавија, Малта, Лихтенштајн, Сан Марино и Андора.

Оваа мизерна позиција на ранг листата на ФИФА, се должи на најслабите одиграни квалификации на Македонија која освои само 4 бода на 10 меча во борбата за пласман на ЕП 2016.

Број 1 репрезентација во светот е Белгија која бележи историско рангирање, втора е Германија, трета Аргентина, а во топ 10 се уште и Португалија, Чиле, Шпанија, Колумбија, Бразил, Англија и Австрија.

5 ноември 2015 - 12:52