Лидс и Алиоски испаднаа од четвртолигаш за кој заигра ријалити ѕвезда

Третата рунда на англискиот ФА Куп донесе многу интересни моменти. Хит беше мечот меѓу Марин ФК и Тотенхем, а најголема сензација направи четвртолигашот Кроули кој ги потепа Лидс и Биелса со 3:0.

Кроули во моментов е на 6. место во Лига 2 (четврта лига во Англија) и направи големо изненадување откако го исфрли премиерлигашот Лидс Јунајтед.

Иако англиските премиерлигаши немаат проблем во дуелите со нисколигашите, се потврдија зборовите на Марсело Биесла пред мечот, дека „натпреварите од ФА Купот се прав англиски фудбал“.

Лидс, за кого нашиот Алиоски одигра цел натпревар, во првиот дел имаше посед но не создаде многу шанси, во вториот дел тотално ја изгуби доминацијата и прими три гола. Особено убав беше првиот гол на домашните кој во стил на Лионел Меси го постигна Ник Царула

Царула е лев бек, дете на Тотенхем со кипарско потекло. Тој играл и за младинската репрезентација на Кипар. Ова бил негов 7-ми меч за Кроули и прв гол на професионално ниво. Од Тотенхем заминал во 2017-та после 5 години во системот на клубот.

Не се снашол ниту во Брентфорд и последниве шест месеци е во четвртолигашот Кроули. Во 2017-та година имал сообраќајна незгода и цела година паузирал со фудбалот.

„Тоа беше долг, тежок пат за мене и многу важен момент. Многу сум горд и среќен. Оваа победа многу ми значи“, изјавил Царула после сензацијата над Лидс Јунајтед (3:0). 

За понижувањето на Лидс Јунајтед да биде поголемо, домашниот тренер во финишот му даде шанса на Марк Рајт, 33-годишен телевизиски водител и учесник во ријалити шоуа. Тој на времето тренирал фудбал во Тотенхем, Вест Хем и Арсенал, а во сезоната 2006/2007 играл за Кроули Таун каде се вратил во декември лани по долгогодишна тв кариера.

За некое чудо Марсело Биелса после тешкиот и срамен пораз, после мечот беше спокоен.

„Во прво полувреме игравме подобро од нив и игравме како што ние сакавме, иако не створивме сериозни шанси. Во втор дел тие играа како што сакаа. Создадоа шанси и заслужено постигнаа голови. Резултатот многу не разочара“.

Кроули игра слабо во првенството но одлично во ФА Купот. Тие пред неколку години стигнаа до историско 1/8 финале каде изгубија само 1:0 од Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“. 

На другите натпревари Сити убедливо го победи Бирмингем со 3 гола уште во прв дел од кој еден прекрасен на Бернардо Силва. Челси го доби Мореком со 4:0 (Тимо Вернер даде гол после 64 дена и 12 меча, а Кај Хаверц после 85 дена и 15 меча).

Најинтересно беше сè околу мечот меѓу Марин и Тотенхем.