Легендата за новиот македонски јунак: Дијамант брусен во слаткарница

Најважно е што тој гордо и со емоции ја пее химната, а кога игра за Македонија го дава последниот атом на сила. Една мала анегдота: Елиф знае да ги прави најдобрите тулумби и колачи. Барем така велат неговите соседи. Да не беше фудбалер, сигурно и тој ќе беше слаткар.

По пензионирањето од репрезентативниот дрес, Горан Пандев кој ја носи титулата најдобар фудбалер во независна Македонија, пред очите на јужните соседи се создава нов фудбалски идол и лидер. Елиф Елмас е играч од кој се очекува да блесне во следната деценија и на ова балканска земја да и донесе нова фудбалска радост. 22-годишниот играч на Наполи полека се наметнува како лидер на нашата репрезентацијата, а својот раскошен талент го покажа со двата постигнати гола на мечот против Исланд (3:1) во квалификациите за СП, во кои Македонија заврши на историскиот бараж.

Елмас, чие презиме на турски значи  „дијамант“, буквално го опишува неговото значење за македонскиот фудбал и репрезентацијата. Статистички беше најдобриот играч на Македонија на овие десет квалификациски натпревари, а воедно е и најдобар стрелец со четири гола.

Тоа сите го знаат, но не ја знаат неговата животна приказна, пред да блесне во градот под Везув, каде што моментално според многумина се игра најсимпатичниот фудбал во Европа. А занимлива е.

Па ајде да почнеме од почеток. Елиф Елмас е роден во Скопје на 24 септември 1999 година. И тоа во во мултиетничката населба Чаир, каде живеат Македонци, Албанци, Роми, Турци... Тоа е место кое важи за едно од најнебезбедните во метрополата.

Потекнува од семејство со турски корени, скромни луѓе кои ја негуваат традицијата во Македонија. Секој во неговата фамилија има своја работна гранка. Татко му Џеват е сопственик на слаткарница во Скопје. Доколку патот ве води кон главниот град, посетете ја слаткарницата „Мандарина“ во населбата Автокоманда. Таму имате прекрасни слатки и највкусни шампити, а ќе ги добиете лично од господинот.

Џеват се уште со голема страст го води семејниот бизнис и покрај тоа што неговиот син е европска ѕвезда.

Елмас како дете додека се градел како фудбалер, работел на ова место и му помагал на татко му. Тоа го прави и денес кога доаѓа во Скопје. Една мала анегдота: Елиф знае да ги прави најдобрите тулумби и колачи. Барем така велат неговите соседи. Да не беше фудбалер, сигурно и тој ќе беше слаткар.

Скромното и културно момче, првите фудбалски чекори ги направи во родниот град во Фенебахче Тефејуз. Популарните тренери Сетко и Саљко беа првите ментори на македонскиот „дијамант“. Елмас секогаш има пофални зборови за нив. Елмас овој спорт го научил во школата Форца, која е во сопственост на вардаровата легенда Јовче Џипунов, еден од најдобрите играчи од среден ред на поранешна Југославија. Тимот кој подоцна го препозна талентот на Елмас и го зеде под своја закрила беше Работнички. Го донесе на 12 години, на инсистирање на Игор Ангеловски, тогаш клупски тренер, а потоа и иден селектор кој се заљубил во него. Токму тој му ја даде првата шанса во професионалниот фудбал и со 16 години дебитираше во прва лига.

Како што одминуваше времето, Елмас растеше како играч. Првата македонска фудбалска лига му изгледаше прелесна, иако тој беше само тинејџер. Во деби сезоната за Работнички одигра 33 натпревари на кои постигна шест гола и додаде уште седум асистенции. Клубовите кои го бараа почнаа да го следат на големо. Иако имаше голем интерес од Холандија, го ангажираше турски Фенербахче. Каква случајност, почна во Фенербахче Тефејуз екипа, а продолжи во истоимениот великан, кој направи сè за да го доведе најдобриот млад играч од Македонија.

Елмас тивко пристигна на аеродромот во Истанбул, а тоа се случи по настапот на Европското првенство за играчи до 21 година во дресот на Македонија. Пречекот во турската престолнина не личеше на оние презентации на скапи ѕвезди кои ги чекаат илјадници фанови и стотици камери. Скромна изјава и тоа е тоа. Но, тој подоцна со своите настапи ги освои срцата на навивачите.

Интересно е што голема улога во трансферот на Елиф Елмас во Фенербахче, имаше македонскиот центар, Перо Антиќ, кој тогаш играше за кошаркарскиот тим на Фенербахче и во неколку наврати имаше улога на посредник.

За Елиф Елмас многу се интересираше и турската репрезентација поради неговото потекло. Фатих Терим неколку пати се обиде да го уфрли во репрезентацијата, но „дијамантот“ остана верен на своето и ја избра Македонија. Подоцна тој повторно доби сениорска шанса од Игор Ангеловски, кој овојпат беше во улога на селектор. Елмас со 17 години и осум месеци стана петтиот најмлад дебитант во историјата на Македонија, откако доби можност да настапи на натпреварот против Шпанија во квалификациите за СП 2018. На првиот настап директен ривал му беше Андрес Иниеста. Одигра навистина храбро.

По две одлични сезони во турскиот фудбал, Елмас доби ново признание. Го бараа неколку европски клубови, главен преговарач беше неговиот агент Никола Ѓошевски, а по личен телефонски разговор со тренерската легенда, Карло Анчелоти, тој го избра Наполи. Фенербахче за Елмас доби 16 милиони евра, но сега нашиот „дијамант“ според некои проценки има речиси тројно повисока цена.

Најважно е што тој гордо и со емоции ја пее химната, а кога игра за Македонија го дава последниот атом на сила. Благодарение на добрите игри, младото и скромно момче од скопскиот асфалт стана миленик на својата нацијата. Но, најдоброто допрва доаѓа. Македонија има нов лидер за следната деценија.

Ако се оди според планот се очекува Елиф Елмас да ги надмине сите рекорди кои се во сопственост на „бате Горан“, како што тој милува да го нарекува Пандев.

Ако Горан Пандев ја однесе Македонија на Европско Првенство 2020, следната година работа нека ја направи скромниот Елиф Елмас. Сонот е Светско првенство во 2022 година во Катар!

Мартин Танасковски

19 ноември 2021 - 10:44