Како изгледаат листите со ваучерите од АМС за 2023?

Петта година по ред Агенцијата за млади и спорт им дели финансиска помош на македонските федерации, клубови и индивидуални спортисти. Ама стално има некои нејаснотии околу доделувањето. На пример врз кој критериум ќе земе пари Ренова која лани се повлече од прва лига?

Државна помош за оваа година ќе добијат 45 национални федерации, 602 клубови и 285 индивидуални спортисти.

Листите се јавни и достапни на сајтот на Агенцијата за млади и спорт заедно со сумите.

Од федерациите најголемиот ваучер ќе го добие Ракометната федерација на Македонија, а тоа се 14 милиони денари или 228.000 евра.

Втора е Кошаркарската федерација со 12,3 милиони денари (200.000 евра) и трета Одбојкатската со 10,8 милиони (175.000 евра).

Пари за ФФМ и оваа година нема. Како што е познато АМС и ФФМ не се во добри односи. Најмал ваучер од 200.000 денари ќе земе Билијард асоцијацијата на Македонија.

Од клубовите, најголемиот ваучер доби Шкендија од 17,5 милиони денари (285.000 евра), потоа Шкупи 11,5 милиони денари (187.000 евра), па Академија Пандев 10,5 милиони (170.000 евра).

Нејасно е зошто на листата ја има и Ренова со ваучер од 4,7 милиони, кога тетовскиот клуб минатото лето се повлече пред стартот на сезоната во првата лига. Вардар како второлигаш добива 1,9 милиони денари.

Кај ракометните прв е Вардар со 17 милиони денари (276.000 евра), а потоа следуваат Еурофарм Пелистер и Бутел со по 15,5 милиони (252.000 евра).

Во кошарката најголем ваучер добива МЗТ Скопје Аеродром АД со 13 милиони денари (211.000 евра), втор е ТФТ Скопје со 11 милиони (179.000 евра), а трет Пелистер со 9 милиони (146.000).

На листата има и некои анонимни фудбалски клубови како ФК Риниа Неготино, ФК Скендербеу и ФК ЕС со по 35.000 денари, како и ФК Еден на Еден со 36.000 денари.

Општо од сите клубови најмалиот ваучер го добива ЗСР Скопје Карп Клуб во износ од 23.000 денари.

Кај индивидуалните спортисти, најмногу ќе добијат таеквондистот Дејан Георгиевски (500.000 денари) и параолимпијката Оливера Наковска Бикова (450.000 денари).

Целите листи можете да ги видите тука.

15 февруари 2023 - 10:49