„Кај нас мртвите ги возат во камиони, а УЕФА мисли само на пари“

Ексцентричниот Масимо Челино, сопственик на Бреша кој до пред неколку години беше газда на англискиот Лидс Јунајтед, отворено ја нападна европската фудбалска унија.

Пандемијата на Ковид-19 во Европа најтешко ги погоди Италија, Шпанија, Франција, а со тоа и спортската сцена во овие, но и во сите европски земји,

Во меѓувреме раководителите на фудбалските лиги и федерации размислуваат како да изнајдат решение за продолжување со фудбалот за некој месец.

Но има и такви кои се чудат на таквите помисли.

„Оваа сезона веќе нема смисла. Застанавме. Ниедна екипа нема да се врати во онаа состојба во која беше. Стадионите ќе бидат без публика, а ќе го ризикуваме и здравјето на играчите. За мене потполна лудост би била да се врати фудбалот“, вели Масимо Челино, газдата на Бреша за Газета дело Спорт.

Челино додава и дека ќе ја повлече својата екипа од сите натпреварувања доколку се донесе одлука првенството да продолжи, зошто има гласини дека Серија А наводно морала да биде завршена до 30. јуни.

„Е тоа ако се случи ќе ме натераат да им кажам на играчите да не излегуваат на терен и да ја изгубат секоја средба службено (0:3) од почит кон граѓаните на градот Бреша и нивните сакани кои веќе не се меѓу нас“, додава Челино.

Неговата реакција доаѓа по одлуката на УЕФА да ги одложи сите клупски и репрезентативни натпреварувања кои беа закажани за јуни а се под нивна закрила.

„Тоа не може да се избегне. Викаат дека сезоната морала да заврши до 30 јуни кога е всушност истекот на рокот за презентација на буџетите и договорите на играчите. УЕФА е арогантна и недоговорна - мислат само на економски интерес и на еврокуповите. А што се однесува до италијанското првенство, УЕФА ќе одлучи дека тоа мора да се продолжи зошто требало да заврши во јуни?!

Што ќе правиме, ќе играме секој ден? Или УЕФА има моќ да го продолжи и денот да трае 72 часа? Ако УЕФА сака да направи нешто за свој профит, нека прати боци со кислород и респиратори во Бреша. Ќе им бидеме благодарни. Ви кажувам за Бреша и ви кажувам дека овде имаме камиони кои пренесуваат мртви тела. Ние сме центар на епидемијата“, гневно коментирал Челино.

Периодов главна тема е кога спортот ќе се врати во нормала, затоа што и да се донесе одлука за продолжување, на играчите ќе им треба време да се вратат во форма на тренинзите.

„Како и да е, играчите би можеле да се вратат после 45 дена неактивност. Ќе им треба месец дена да се вратат во форма инаку постои ризик од повреди“.

Бреша во моментов е последна на табелата во Серија А, а претседателот на Лацио Клаудио Лотито кои е меѓу ретките кои би сакал сезоната да продолжи, вели дека Челино не сака таков развој зошто неговиот клуб ќе испадне ако фудбалот продолжи.

„Лотито ми се дереше пред некој ден и ми рече дека не сум сакал да играме само за да се спасиме. Тој блуе огин зошто се надева дека ќе го освои скудетото. Мене не ме интересира испаѓање, тоа со прикажаното до сега и го заслуживме, немам проблем.

Јас зборувам генерално. Да се заврши сезоната во јуни е невозможно, а да продолжи потребно е да се продолжат сите национални и меѓународни рокови: договори, буџети, рокови со банките, преоден рок, подготовки, почеток на нова сезона... Тоа би бил потполн хаос“, констатира контроверзниот Челино.

2 април 2020 - 12:35