Каде исчезнаа Италијанците од Премиер лигата?

Во пресрет на пријателската Италија - Англија утре вечер во Торино, англиските медиуми со носталгија се навраќаат на времето кога фудбалерите од Апенините играа голема улога во развојот на англискиот фудбал.

Во Премиер не се јадат шпагети како некогаш

Секој верник на англискиот фудбал се сеќава на деновите кога играчите на Јувентус, Интер и Милан со задоволство се селеа во Мидлсборо, Шефилд Венздеј и Дерби Каунти. Токму Италијанците ја поведоа интернационализацијата на Премиер лигата во '90-те години.

Во една од најкосмополитските лиги денес во Европа има фудбалери од целиот свет, но Италијанците и натаму не се присутни како некогаш. Единствен Италијанец кој колку толку блесна во Премиер е Марио Балотели, кој ќе остане запаметен по головите на Олд Трафорд и асистенцијата до Кун Агуеро кој ја реши титулата во 2012. година. По одличниот старт, стрмоглаво падна формата на Грацијано Пеле' од Саутемптон и тоа е сè од Италијанците во Премиер во моментов.

Првите „жабари“ во англискиот фудбал

Навивачите на Нотингем Форест може да се пофалат дека го имале првиот Италијанец во историјата на Премиер лигата. Андреа Силенци, кој во Нотингем дојде од Торино за 1,8 милиони фунти во 1995. година даде два само два гола. По 20 настапи во следните 14 месеци, Силенци реши да се врати во Италија.

Тоа беше времето кога англиските клубови полека го изучуваа трансфер пазарот и внимателно купуваа играчи од странство. Во тоа време, Ерик Кантона беше најдобриот играч во лигата, а Петер Шмајхел најдобриот голман на светот.

Челси меѓу првите го „скрши мразот“ и го доведе Руд Гулит од Сампдорија во западен Лондон. Следуваше трансферот на експлозивниот Тони Јебоа во Лидс, кој покажа како десната нога може да биде базука. Ништо покус не остана ниту Арсенал, кој го купи Денис Бергкамп од Интер за 7,5 милиони фунти во летото 1995 година. Еден од најголемите трансфери во тоа време беше оној на малиот Бразилец Жунињо кој правеше дар мар во Мидлзборо.

Италијанците се основачи на меѓународната Премиер лига

Интересот за странски фудбалери се зголеми по ЕП 1996 година. Јунајтед ги купи Жорди Кројф, Рони Јонсен, Карел Поборски и Оле Гунар Солскер. Ливерпул го зема Патрик Бергер, Арсенал Патрик Виера од Милан, а Вест Хем потпиша со Флорин Радучоју, ѕвездата на Романија од СП 1994.

Најголем траг од италијанските фудбалери во Премиер оставија Џанлука Виали, Роберто Ди Матео, Фабрицио Раванели и Џанфранко Ѕола. Навивачите на Мидлзборо добро се сеќаваат на Раванели и неговиот хет-трик на дебито против Ливерпул (3-3) во сезоната 96/97. Ѕола во Челси дојде од Парма во ноември 1996 година и му помогна на тимот да го освои ФА купот, откако претходно во полуфиналето против Вимблдон постигна еврогол.

По нив, англискиот фудбал ги запозна и темпераментните Бенито Карбоне кој дојде во Шефилд Венздеј, и Паоло Ди Канио кој од Милан преку Селтик дојде во Вест Хем. Летото 1997 година, Кристал Палас го купи Атилио Ломбардо од Јувентус, Дерби Каунти го донесе Стефано Еранио од Милан и Франческо Бајано од Фиорентина. На средината од сезоната 97/98, Тотенхем го купи Никола Берти од Интер.

Не е секој ден Велигден

Сепак, не сите Италијанци играа со голем успех во Англија. Доволно е само да се сетиме на Марко Матераци во Евертон, Таиби кој не се пронајде во Ман. Јунајтед и Корадо Граби во Блекбурн 2001 година. Пјерлуиџи Казираги ги скина лигаментите во Челси и рано ја заврши кариерата, а малку е познато дека дресот на Челси едно време го носеше и Кристијан Панучи.

И покрај тоа, Италијанците беа популарни во Англија. Виали го освои ФА и Лига Купот, како и Купот на Куп победниците со Челси. „Ќелавкото“ подоцна две и пол години беше тренер на Челси и за малку не ја освои титулата со Сините. Ди Матео од Челси го постигна рекордниот гол за 42 секунди против Боро во финалето на ФА Купот во 1997 година. Еранио остави голема трага во Дерби Каунти, а Раванели беше единствена светла точка во испаѓањето на Мидлсборо истата година.

Откако Ѕола и Ди Канио ја напуштија Премиер лигата во 2004 година, почна и сивилото на италијанските фудбалери на Островот. Винченцо Монтела и Никола Вентола беа бледа сенка во Фулам и Кристал Палас, а по нив, со мал успех во Премиер играа уште и Давид Ди Микеле, Алберто Аквилани, Алесандро Дијаманти, Роландо Бјанки, Фабио Борини, Андреа Досена, Дани Освалдо, Масимо Макароне, Емануеле Џакерини, Марко Бориело и Антонио Ночерино.