Излезе новата книга на Златан Ибрахимовиќ, раскажa за најтешките и најубавите моменти во животот

Во разговор со Алдо Кацуло од Кориере Дела Сера, Златан Ибрахимовиќ опфати неколку теми меѓу кои и неговата нова биографска книга „Адреналин“ пишана во соработка со италијанскиот новинар Луиџи Гарландо.

Златан Ибрахимовиќ, вие на кој јазик размислувате?

„Зависи. На терен никогаш на шведски, многу љубезен јазик е, на терен треба пркос. Така што, размислувам на југословенски (во разговорот вели penso in slavo што во превод значи словенски/југословенски). Некогаш размислувам на англиски и на италијански. Ама дома со фамилијата разговараме на шведски“.

На пример?

„Ги соблекуваме чевлите пред да влеземе дома, остануваме во чорапи. Немаме личен сервис дома, имаме жена која чисти, а другото сè правиме сами“.

А се чувствуваш ли Швеѓанец?

„Швеѓанец сум, ама сум и мешанец: мајка ми е Хрватка католичка, татко ми Босанец муслиман, голем дел од мојата кариера живеев во Италија...“

Верувате во Бог?

„Не. Верувам само во себе самиот“.

Не верувате ни дека таму нешто горе?

„Не. Животот е овој. Кога си мртов, мртов си. Не знам ни дали сакам погреб или надгробна плоча, место каде што ќе страда тој што ме сака“.

Суеверен сте?

„Не. Не сакам кога ми викаат „со среќа, со лесно“ (in bocca al lupo). Не ми треба. Јас одлучувам како треба да биде“.

На што е вашето прво сеќавање?

„Југославија. Ме носеа таму како мал, со кола, со воз. Уште беше комунизам. Друг свет“.

Каков бевте како мал?

„Дете кое секогаш патеше. Штотуку роден, на сестрата сум ѝ паднал од еден метар висина. Патев цел живот. Во школо бев подруг: другите беа плави, русокоси со јасни очи и мек нос, а јас темен, црн, со голем нос. Зборував на поинаков јазик од нив, се движев на многу подруг начин од нив. Родителите на моите другари потпишуваа петиција да ме избркаат од екипата. Секогаш бев омразен. И на почеток реагирав лошо“.

Со тепачки?

„Со повлеклување на страна. После научив да ја трансформирам болката и омразата во сила. Ако сум среќен играм добро. Ама ако сум бесен, лут, повреден, играм уште подобро. Од стадион кој ме сака црпам енергија. Ама од стадион кој ме мрази црпам уште повеќе енергија“.

Ви скандират циган...

„Последен пат викаа во Рим (Рома - Милан). За прославата на голот (даде страшен гол од слободен удар на „Олимпико“) 50.000 луѓе ми грмеа циган а судијата мене ми даде жолт картон“.

Дали е Италија расистичка земја?

„Расизам имаш секаде. И во Шведска има“.

Каков бевте со девојките?

„Најсрамежлив. На прв состанок ми пишуваа на лист што да кажам. Девојка зборуваше нешто друго, јас ја прашував тоа што ми напишаа на ливче. Невидена брука. Правев се и сешто многу подоцна од моите врсници“.

На колку години првпат имавте односи?

„На седумнаесет години. Зошто на осумнаесет години првпат излегов од гетото во Малме и излегов во центар. Дури тогаш ги запознав Швеѓаните какви што вие ги замислувате: плави, слободни. Во гетото девојките имаа кратки коси и марами“.

Од дваесет години сте со иста жена, Хелена. Која е тајната?

„Трпение. И рамнотежата која таа ми ја дава. Хелена е десет години постара од мене, отсекогаш е позрела од мене. После се родија Максимилијан и Винсент“.

Кој е голот што ве направил најсреќен отсекогаш?

„Можеби ножичките од триесет метри, во репрезентација, против Англија. Англичаните отсекогаш ме омаловажувале, викаа дека против нив не сум дал гол...“

Да ве прашам, вие кога бевте во ПСЖ рековте дека Франција е срање од држава?

„Марин Ле Пен бараше да ме протераат. Ден после се плашев од реакцијата на улица. Напротив Французите ми приоѓаа да ми честитаат: „Ибра, во право си, стварно е срање држава“.

Посреќен бевте на голот против Англичаните или за раѓањето на Максимилијан и Винсент?

„Нема споредба! Раѓањето на дете е најважната работа која може да ти се случи. Живот кој се раѓа од твојот. Се сеќавам кога дојде Макси: го земав, го ставив на гради...Се сеќавам кога Винсент од Стокхолм ми кажа: „Тато ми фалиш“... Пробод со нож. Сакав да напуштам се, дури и Милан и да се вратам кај него“.

Вистина ли е дека вашите деца мразат фудбал?

„Ги носев на тренинг: едниот плачеше, другиот гледаше птици. Сега и двајцата играат фудбал. На проба отидоа со презимето на мајка им, Сегер. Ги земаа. Макси одбра да се презива Ибрахимовиќ. Винсент уште не решил“.

Како ја паметите војната во Југославија?

„Татко ми патеше многу. Секој дена доаѓаше вест дека умрел некој што он го познавал. Им помагаше многу на бегалците. Ама се трудеше да ме држи мене на страна. Секогаш се трудеше да ме заштити. Кога умре сестра му, во Шведска, не ме пушти да одам на погребот. Но кога умре брат ми Сапко, од леукемија, бев на погреб. Го погребавме по муслимански обичаи. Татко ми не пушти солза. Следниот ден отиде на гробот и плачеше од сабајле до вечер. Сам“.

Книгата „Адреналин“, прекрасна книга што ја напишавте со Луиџи Гарландо, раскажувате кога сте краделе во трговски центар.

„Моите другари носеа брендирана облека, а јас тренерка од екипата. Немав чорапи туку само штуцни за тренинг и ме мајтапеа. Морав да се снајдам. И тогаш ме фатија. Бев со еден другар црнец. Му се јавија на татко му. Татко ми за среќа не го добија. Му пишаа писмо. Секој ден станував рано сабајле да гледам во сандачето. Ја најдов пред него и ја искинав, инаку немаше да бидам тука да раскажувам сега. За дисциплина татко ми беше страшно строг“.

 

Вие многу сте сменет.

„Немав девојки не само зошто бев срамежлив, туку зошто бев вљубен сам во себе. На натпреварите пробував циркуски трикови, зошто имав поголемо его од сите Швеѓани заедно собрани. Се сменив во Италија. И реков еднаш на Хелена: дај да пробаме, дојди со мене во Торино, ќе видиме како ќе функционира. И функционираше“.

Кој ве смени во фудбалот?

„Капело ме научи да се грижам само за гол. И ме масакрираше цело време непрекинато. Многу тежок човек. Првиот ден, после конференцијата за печат, прославата и се друго, влегувам во соблекувална, а он чита Газета дело Спорт, а јас во топ расположение му викам: „Добар ден мистер!“. Не го мрдна весникот. Остана уште дваесетина минути така, со розевиот весник во рака. После стана, ја затвори Газета и си отиде без да ми каже ни збор. Како да не постоев“.

Во книгата зборувате добро за Моџи (Лучано, некогашниот алфа и омега директор и сива еминенција во Јувентус)

„Со мене беше топ!“

Ама поради негова вина на Јуве му одземаа две скудета.

„Тие скудета ги освоивме и никој не може да ни ги земе. Никој не може да ги избрише туку така потта, трудот, маката, повредите, головите. Затоа, секогаш кога викаат во кариера сум освоил единаесет титули, ги исправувам: тринаесет се! Моџи беше еден од оние кои предизвикуваа стравопочит, иако не кај мене. Како Берлускони“.

Што мислите за Берлускони?

„Многу симпатичен. Една недела јас седам на трибина на Сан Сиро, седнат до него. И ми се врти и вика: „Ибра, ќе ти смета да седнеш едно столче подолу? Гледам една важна личност“. Јас се симнав, се спушти и Галијани. Мислев дека ќе дојде некој политичар. А дојде една преубава жена, на преубави штикли. Берлускони ми намигна: „Многу важна личност...“ А можеби и беше многу важна за него навистина“.

На Санремо триумфираше.

„Бев нервозен. Амадеус ми даде книга од мене. „Што да правам“, го прашам. Ми вика: „Прави Златан. Ти води јас ќе те следам“.

А Фиорело?

„Со Фиорело имаше помалку хемија. Он е пилот број 1, пилот број 2, број 3, после дојдовме јас и Ама. Супер е, ама зборува многу брзо, не го разбрав ни збор“.

Пеевте заедно со Михајловиќ на кого на терен еднаш му удривте глава.

„Синиша ме провоцираше цел меч, ми зборуваше ужасни работи на југослоенски, на српско-хрватски, и паднав на тоа. Сега ме вика бато, сине мој. Кога се разболе, од иста болест како брат ми Сапко, тргнав да играм за Болоња. За него. Михајловиќ беше лош на терен, како што беше Балак, уште еден страшен провокатор, ама го правеше тоа за да им помогне на соиграчите. Не како Матераци“.

А каков беше Матераци?

„Влегуваше од позади за да направи зло, а ние фудбалерите веднаш знаеме кога некој ти влегува намерно лошо за да те повреди или само ти влегува силно како Кијелини, како Стам, како Малдини...“

Паоло Малдини: голем човек, неверојатна личност за италијанскиот спорт...

„Паоло Малдини беше најнезгоден. Ако сакаше да ти наштети знаеше како да го направи тоа. Ама избегнуваше да прави лошо, зошто таа права дрскост ја даваше во корист на екипата“.

А Матераци?

„Со него имам отворен судир со години. Го искинав на едно дерби. Влегува со отворени нозе, јас го избегнувам и со лакт го удирам во слепоочница. Пипо Инзаги тогаш искоментира: „Најубавото дерби во мојот живот: 1-0, гол на Ибра, Матераци во болница“. Секако дека се шегуваше само“.

Во книгата пишувате дека Инзаги мислел само како да даде гол.

„Па малку ли е? Пипо ми викаше: ти Ибра прави што сакаш, дриблај, скокај, центрирај, јас сум пред гол. Голот е единствено нешто што знаеше да направи. Како Трезеге. Ама меѓу напаѓач од циркуз и еден што дава голови, го бирам вториов“.

Со Лукаку што се случи?

„Дерби во Куп на Италија. Он се скара прво со Ромањоли, после со Салемакерс, јас интервенирав да ги одбранам соиграчите и Лукаку ми се пушти и ме нападна на личен план. Останавме шокирани. А бевме соиграчи во Манчестер“.

А еднаш сте му понудиле кладба: 50 фунти за секој негов промашен зицер...

„Беше начин да го направам подобар (се смее). А како и да е, не ја прифати кладбата. Лукаку секогаш имаше големо его, убеден дека е светска класа и стварно е многу добар. Но јас сум изразнат во гето во Малме и кога некој ми доаѓа со крената глава, го враќам на свое место. Така го удрив во неговата најслаба точка: ритуалите на мајка му (наводно мајка му, Конгоанка, од Африка, се занимавала со шаманство на времето). И тогаш изгуби контрола. Иако останав со горчлив вкус...“

Каков?

„Го изгубивме тоа дерби. Мене ме исклучија. После се повредив. Се случија многу без врска работи. Сакаш да видиш дека Лукаку стварно ми напрви ритуал? После барав од другарите верници да се молат за мене. Морам да расчистам сметки и со него исто. Се надевам скоро ќе го сретнам“.

На улица?

„Ма не, тоа се работи кои се решаваат на терен. Не мразам никого, најмалку Лукаку. Омразата е захтевно чувство“.

Што мислиш за истрагата за Јувентус? (Обвинителство во Торино покренал сериозна истрага за финансиски малверзации во Јуве, наводно милионски суми од трансфери не биле прецизно впишувани и се оштетиле даночни обврзници за стотици милиони)

„На почеток е, рано е да се суди. Можам да кажам дека јас за даноци, за биланси, за пари сум многу внимателен, им плаќам на луѓе да се грижат внимателно за тоа“.

Менаџерите имаат многу моќ?

„Не. Менаџерите ги штитат играчите“.

Мино Рајола, вашиот агент е многу контроверзен. Вие за него викате „другар, брат, татко“.

„Ќе ви раскажам една случка. Во Манчестер еднаш скршив зглоб. Излегувам од терен на нозе, одбив таблети против болка, си мислам не е ништо. Тоа да сум ти ги направил парче, истегнати тетиви, мускули, катастрофа. Мино почнал да добива повици од мршојадци“.

Кои?

„Хирурзи, италијански и други, кои сакале да ме оперираат. Ја простудиравме целаа работа и гледаме дека најдобар на свет е тој Фреди Фу, американски доктор со потекло од Хонг Конг кој работи во Питсбург. Ама за термин кај него се чека со месеци. После некој ден ми се јавува Мино (менаџерот Рајола): „Ибра спремај куферите, одиме за Питсбург“. Слетуваме околу 4 наутро и одиме веднаш во болницата. Легендарниот професор Фреди Фу не чека на влез со цел тим. Во четири сабајле“.

Меси или Роналдо?

„Прејаки и двајцата. Би рекол Меси зошто игравме заедно“.

Каков однос имате?

„Никогаш не ме сфати... Сакаше да среди се што јас треба да правам. Ми доаѓаше некој инстинктивен гест да направам, ама помислував на тоа што го сакаше Гвардиола и се тргнував. Така размислував двојно. Гвардиола не сака играчи со став. Станав проблем и не успеа да го реши, го решив јас со тоа што си заминав“.

И со Алегри имавте закачка, во Милан.

„Изгубивме 0-3 од Арсенал, и он не беше задоволен. Поминавме групна фаза, ама не беше ништо за смеење и му укажав на тоа“.

И Алегри што ви одговори?

„Ти Ибра глеј си работа за тебе, не посра. Му одвратив дека он не посра и дека од страв двајца голмани на клупа стави... Алегри е многу добар за соблекувална, ама треба да биде похрабар: да оди во Реал Мадрид, да се проба во странство. Наместо тоа, направи комфорен избор (се врати во Јувентус)“.

Зошто никогаш не го поздравувате противничкиот тренер пред мечот?

„Зошто сум многу концентриран. Вистина е, стварно никогаш не ги поздравувам, ниту Мурињо кој многу ми се допаѓа. Само еднаш го гушнав Михајловиќ кога беше болен“.

Кој е најдобриот фудбалер во историјата?

„Роналдо Феноменот. Од мал го имитирав“.

А Марадона?

„Марадона е мит. Кога го гледав документарецот за него решив да одам во Наполи, да направам како Диего, да освојам скудето“.

Во тоа време бевте во Лос Анџелес?

„Се изморив од Америка. Размислував да прекинам. Мино ми рече: луд си, мора да се вратиш во Италија. Со Наполи беше готово: ама после Де Лаурентис (Аурелио) го избрка Анчелоти. После го прашав Мино: која екипа е слаба, кај што можам да ја сменам?: Ми кажа: Вчера Милан изгуби 5-0 во Бергамо. Готово е, ми рече: одиме во Милан. Клуб што го знам, град што ми се допаѓа“.

Го сменивте Милан.

„На почеток на тренинг не трчаше никој. Им се обраќав на сите еден по еден, и не на страна, туку пред сите тука: на тренинг мора да се убиваш од работа. Ако јас трчам, ако јас гинам, и соиграчот ќе гине за мене. Сфатија сите, освен еден“.

Кој?

„Леао на почеток не ме есапеше. Ама стигна сметка и за него. И се подобри многу навистина“.

Пишуваат дека не одите на вечера со соиграчите од екипа? Зошто?

„Ќе ги срамам. Јас сум лидер. Ќе им биде незгодно. Ќе испадне дека се жртвувам за нив“.

Вистина ли е дека сте го советувале Мбапе да си оди од ПСЖ?

„Вистина е. Мбапе има потреба од еден поорганизиран амбиент, како оној во Реал Мадрид. Ама после му реков на претседателот на ПСЖ да не го продава“.

Со право ли го исвиркуваа Донарума?

„Џиџо е неверојатен голман. Ако му го дадеа тоа што го бараше, ќе останеше во Милан. Сега треба да прави случај за да биде прв голман во ПСЖ. Нема врска дека јужно-американците го поддржувале тој другиот. Џиџо е подобар“.

Како помина фештата за 40-ти роденден?

„Бев трогнат. Не сакам забави за изненадување, ама Хелена организирала сама. Дојдоа лица кои не сум ги видел одамна: Погба, Верати, Амброзини, Абате, Касано, Галијани, Моџи, Ѕамброта, Дакур, Одо, Сиригу, Кулушевски.... Дури и луѓе со кои бев многу груб на терен“.

И Гатузо?

„Секако. Со Рино се зафркававме на секој поглед. Ме викаше „лош словен“, а јас го вртев со глава надолу кон кантите за ѓубре“.

Како е да се игра на 40 години?

„Така што се навикнува играта на твоето ново тело. Да научиш кога е прав момент. Да ги дозираш напорите. Се штедам за другите“.

Нема нешто што ве плаши?

„Иднината малку ме плаши. Со 40 години дојде и малку страв“.

Би биле ли тренер?

„Не знам, стресно е... Ќе правам нешто што ќе ми дава адреналин. Ама се додека можам ќе играм центарфор. Сакам да се борам за скудето до последно коло. И да одам на Светско во Катар“.

Ибра, вака одблизу сте многу добар.

„Ве гледам разочаран“.

Малку.

„Добар сум зошто саат време муабетиме. Да беше на терен, ќе те искинев на парчиња“.  

1 декември 2021 - 11:05