Излегуваш во диско и музика ти пушта Џибрил Сисе

Пред него мразот го проби Гаизка Мендиета, легендата на Валенсија кој по крајот на кариерата реши да стане ди-џеј. Французинот кој се прослави во Ливерпул, веќе неколку години хара по светските дискотеки. Додека пушта музика му носат дресови со маркер да им се потпише.

Кариерата и животниот пат на Сисе би биле добра подлога за некој амбициозен режисер. Кога ќе го слушнат неговото име, навивачите веднаш во глава прават слика за неговите луди шарени фризури и цел куп тетоважи по целото тело.

Важеше за добар напаѓач, даваше важни голови во кариерата, а најдраг му е пеналот кој го реализираше во рулет серијата Милан - Ливерпул во епското финале во Истанбул 2005-та.

Во текот на кариерата два пати доживеа тешки скршеници на нозете, ама секогаш стануваше и продолжуваше. Пред крајот со фудбалот, откриваше дека го занимава модата, модните писти и ди-џејството.

Во регионов првпат дојде на Егзит во 2017-та, а пред неколку вечери пуштал музика во Љубљана каде во публиката имало и многу кои памтат негови контроверзни сцени на теренот кога се караше со противнички играчи и судии.

Со Ливерпул освои Лига на шампиони и ФА Куп. Во 2018-та официјално ја заврши кариерата и реши да се посвети на најголемата љубов - музиката.

Пред настапот во Љубљана, за сајтот viberate.com одговорил на пар прашања.

Кога ќе се види твојата приказна, твои три најголеми страсти ти се фудбалот, модата и музиката. Како се прештима од фудбалски терени зад стејџот?

„Да бидам искрен, спремен бев. Се спремав за тоа. Знаев дека еден ден фудбалот ќе заврши, посебно што бев тип на играч на кој физичката сила му беше многу важна. Јас не знаев да лажам. Бев брз и моќен, така што, со годините стануваш поспор и едноставно мора да прекинеш. Ментално бев спремен. Што се однесува до „обртот“ од фудбалски стадиони до фестивали и клубови, ми требаше малку време, но сега навистина уживам да пуштам музика“.

Дали музиката ти е повеќе страст или шанса за заработка? Или и двете?

„Искрено и двете. Знам дека ако работиш добро, можеш да живееш од тоа (ди-џеј). Секако дека е и бизнис шанса, но пред сето тоа, беше љубов кон музиката. Отсекогаш сум сакал музика, дури и пред да помислам да правам кариера“.

Скоро беше и модниот настап за Жан Пол Готје, а пушташе музика и за Мараја Кери. Прилично импресивно. Можеш ли да ни кажеш повеќе за тоа?

Што се однесува до модната писта за Жан Пол Готје, беше прекрасно. Не знаев дека е негово последно такво шоу кога ми се јави. Ми рече: „Правам нешто специјално и сакам да одиш за мене“. Мислам, сигурно не би му рекол не. Мислам дека два или три дена пред настанот дознав дека е негово последно модно шоу и дека многу големи имиња ќе бидат на пистата со мене. Бев во стил: „О да, ова е уште подобро“.

А за Мараја Кери, пуштав како загревање ако така може да се каже, во салта Берси која собира многу многу народ, голем настан. Кога ти се пружаат вакви прилики, треба да бидеш спремен и не смееш да ги пропушташ. Притоа Мараја Кери е, така што ќе гледаат многу луѓе. Добар бев, поразлична музика е од онаа што обично ја пуштам, ама беше забавно“, констатира Џибрил Сисе, некогашниот миленик на КОП и права француска фудбалска ѕвезда.

Во својата кариера играше за Оксер, Ливерпул, Марсеј, Сандерленд, Панатинаикос, Лацио, Квинс Парк Ренџерс, Ал Гарафа, Кубан Краснодар, Бастија, Сен-Пјер, Ивердон и Виченца. За репрезентацијата на Франција одигра 41 меч и постигна 9 гола. Играше на Светското 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја.

Подоцна, пред Мундијалот 2006-та во Германија, на буквално последната генералка против Кина, капитенот на Кинезите Женг Жи грубо стартуваше врз него и му ја скрши ногата. „Многу беше болно да се слуша како вриштеше Џибрил. Изгубив на теренот другар и соиграч, ама ќе се врати“, рече тогаш Тиери Анри.

Ги играше квалификациите за Европско 2008-ма, ама не го викнаа за главниот турнир. После настапи и на Светското 2010-та во Јужна Африка кое заврши неславно за Французите со селекторот Рајмон Доменек.

25 февруари 2020 - 10:48